Eмерсон Мнангагва, поранешната десна рака на Роберт Мугабе, е избран за претседател на Зимбабве во првиот круг, но опозицијата ја отфрли победата, со што се навестуваат нови тензии во земјата, кои веќе резултираа со шест загинати во судирите со безбедносните сили.
Мнангагва владее со Зимбабве по падот на Роберт Мугабе во ноември минатата година, откако тој на власт мина 37 години. Актуелниот претседател освоил 50,8 отсто од гласовите, додека за опозицискиот кандидат Нелсон Чамиса гласале 44,3 проценти од избирачите, објавија од избирачкиот комитет.
Седумдесет и петгодишниот Мнангагва го поздрави новиот почеток и повика на единство во градење на ново Зимбабве за сите. Опозицијата, пак, најави дека ќе се жали кај судските органи.
„Резултатите се лажни, ќе се жалиме за целокупниот процес”, изјави пред судот Морган Комичи, портпаролот на Движењето за демократски промени на Нелсон Чамиса.
Чамиса напиша на „Твитер”: „Верував дека волјата ќе преовладува над моќта и силата”.
Партијата на Мнангагва, ЗАНУ-ПФ, победи на парламентарните избори што се одржаа минатиот понеделник, истовремено со претседателските избори, по што избија протести на опозицијата и нејзините поддржувачи кои ја обвинуваат владата за местење на резултатите од изборите. Бидејќи комитетот го одложи објавувањето на резултатите од претседателските избори, опозицијата ваквиот гест го протолкува како обид да се наместат резултатите.
Од стекнувањето на независноста во 1980 година, во Зимбабве имало само два претседатела, и двајцата од партијата ЗАНУ-ПФ: Роберт Мугабе, кој ја водеше земјата цели 37 години, и Eмерсон Мнангагва познат како „крокодил”, која дојде на власт по воениот удар.