Многу сум разочаран, оваа ноќ не беше добар ден за Македонија

Постојаните обиди различно да се чита и да се толкува договореното од 2 јуни и 15 јули ја налага и потребата од постојана странска медијација. Овојпат ниту присуството на еврокомесарот Јоханес Хан не придонесе да се надмине оваа етапа. 

– Многу сум разочаран што не успеавме да изнајдеме решенија според претходните договори од јуни и јули годинава. Се уште има надеж да се најде решение и се надевам дека ќе биде препознаена сериозноста на ситуацијата. Но потребно е лидерство и одговорност за земјата и нејзината судбина. Ние не можеме да ја работиме работата на овдешните политичари. Ќе бидам среќен ако се испочитуваат договорените рокови, изјави во вторникот утрото околу 4 часот еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.
Тој престојуваше во уште една непроспиена ноќ во Скопје. Преговорите на четирите политички партии, кои започнаа во понеделникот доцна попладне и траеја 12 часа.
Не можело да се постигне договор за неколку работи, а најмногу време се дебатирало околу законот за “бомбите” што го предлагаат ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ и околу правото на вето на новите заменици-министри.
– Не ми е јасно како дури 8 часа дебатиравме за политичките “бомби”. Како некому може да му е поважно донесување на законот за “бомбите” од еврпската иднина на сите граѓани. Нашата позиција е дека не смее да има 5 години затвор за новинар или медиум ако објави материјал што е веќе слушнат од „бомбите”, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по излегувањето од резиденцијата на ЕУ во Пржино.
Спорно било и правото на вето на замениците-министри. ВМРО-ДПМНЕ тврдела дека тоа е неуставно, додека СДСМ барал да се испочитува договореното.
– Се работи за право на вето за правни, финансиски и кадровски одлуки само во врска со изборите, тоа јасно го пишува во договорот од 15 јули, рече Заев.
Според него се може да се договори за 2 часа, доколку се сака. Инаку, СДСМ бара исполнување на договореното според зацртаните етапи: да се избере целосниот тим на специјалната обвинителка и да се постават новите министри и заменици-министри во Владата на Никола Груевски. Ако тоа не се постигне – тогаш значи нема повеќе договор.
Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, замина од резиденцијата на ЕУ без да даде изјава. Наместо него зборуваше пратеникот Илија Димовски.
– Не успеавме да имаме финален договор, иако имаше прогрес во приближување на ставовите за одделни теми. Разговаравме сериозно за законот за „бомбите”, како што беше предложен во Собранието, како и за законот за “свиркачите” и се согледуваа повеќе стандарди . Сепак, ќе треба да се направат повеќе напори за постигнување договор на овие теми, изјави Димовски.
Договорено е партиските работни групи да ги продолжат преговорите, ама веќе нема цврсти рокови. Остануваат неполни две недели до објавувањето на Извештајот на ЕК за напредокот на Македонија во европската агенда.

Останати вести