Мнозинството пратеници плус Антонијо Милошоски ќе учествуваат во кампањата за референдумот

Од ВМРО-ДПМНЕ сè уште не се изјаснуваат
Пратеничките групи на СДСМ, ДУИ, ДПА, Алијансата на Албанците, Беса, како и двајца независни пратеници (или вкупно 71 пратеник), до претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, испратија допис со кој го информираат дека нивните пратеници ќе земат активно учество во јавната кампања за референдумот на државно ниво, кој ќе се одржи на 30-ти септември 2018-та година и дека се изјаснуваат „ЗА” референдумското прашање.

И пратеникот Антонијо Милошоски, како единствен поединец (пратеник) од ВМРО-ДПМНЕ испрати допис дека ќе учествува во кампањата со бојкотирачки став, бидејќи е против референдумското прашање.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се уште нема доставено известување, а според најавите тоа требаше да го сторат вчера (среда). Лидерот на најголемата опозициска партија Христиан Мицкоски најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да се вклучи во кампањата и апелираше парите шти и следуваат да бидат наменети за реновирање на тетовското училиште “Кирил Пејчиновиќ”.
Пратеникот од коалицијата на СДСМ, Павле Богоевски, вели дека ВМРО-ДПМНЕ нема единствен став и работи на штета на граѓаните.
– ВМРО-ДПМНЕ имаше дванаесет години да ги среди училиштата во Република Македонија, но не го стори тоа. Во буџетот се обезбедени средства за реконструкција на училиштата, меѓу кои и училиштето кое беше посочено да биде реновирано. И на крајот на денот, ако Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ навистина сакаат подобро образование за младите, тогаш ќе сакаат да ја видат Македонија во Европската унија, вели Богоевски.
На координација кај претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, присуствуваа потпретседателите и координаторите на сите пратенички групи освен, како и досега, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Уште еднаш беше потенцирано дека пратениците нема да добиваат пари, туку Собранието ќе закупи медиумски простор и истиот, според изјаснувањето, ќе биде пропорционално поделен.
Собранието формираше Координативно тело за подготовка и спроведување на јавната кампања кое ќе го раководи Талат Џафери.

Останати вести