Приходите од шест претстави во МНТ за поплавените

Директорот на Македонскиот народен театар Дејан Пројковски и актерот Сашко Коцев ја најавија хуманитарната акција “МНТ – театар на хуманоста и солидарноста” со која оваа национална куќа се вклучи во активностите за помош на поплавените подрачја во Скопскиот регион. 

Акцијата веќе почнa со стендап комедијата на Сашко Коцев, “Детоксификација”, за која билетот чинеше 400 денари.
“Загубата е ненадоместлива, страдањата се големи, но со овој мал потег заедно да им помогнеме на граѓаните во поплавените подрачја. Си реков, како да им помогнам на луѓето и сфатив дека сега е вистинско време да ја изведам и парите од продадените билети да ги донираме”, изјави актерот Коцев.
Директорот Пројковски додаде дека ќе се донираат парите и од следните изведби: “Не се клади на Енглези” (29 август, билет 300 денари), “Сомнително лице” (30 август, билет 200 денари), “Свадбата на Фигаро” (31 август, 200 денари), “Брачна игра” (12 септември, 600 денари) и “Прекината одисеја”, која е во копродукција со Театарот во Полска (17 септември, 500 денари).
“Македонскиот народен театар секогаш се труди да биде театар на сите граѓани. Се надеваме дека со овој наш мал гест, ќе им помогнеме на оние луѓе на кои животот им се помести од основната оска, да се вратат во нормалата на живеење”, рече Пројковски.

Останати вести