МОБ со премиери, концерти, гостувања, „Боеми“ на Мајските оперски вечери

„Мајските оперски вечери” на едно повисоко ниво, балетски премиери, изведба на традиционална музика од државите што имаат амбасади во Македонија, програма „Ноќ со…”, музика и едукација за ученици од основните училишта, обнова на национални дела, гостувања, хорски концерти и настапи на балетски уметници низ градовите, најави на прес-конференција новиот в.д. директор на Македонската опера и балет, Ќазим Асотиќ.

Тој истакна дека 46-те „Мајски оперски вечери” на 9 мај ќе бидат отворени со премиерна изведба на оперската претстава „Боеми” од Џакомо Пучини. Ќе има и гости од Босанската опера и балет, Народно позориште Сараево, кои на 22 мај ќе ја изведат претставата „Змај од Босна”.
– Планираме за „Мајските оперски вечери” да го испочитуваме големиот автор Пучини и во подготовки сме на оперската претстава „Боеми”, а диригент ќе биде Џанлука Мартиненги од Италија. Гостин за сценографија на „Боеми” е Флавио Арбети. Се концентрираме на Пучини по повод 160 години од неговото раѓање – посочи Асотиќ.
Во декември, како што појасни, се планира премиера на балетската претстава „Ана Каренина” и дека се во преговори со одредени кореографи и костимографи.
– Планираме да правиме хорски концерти во Скопје и низ републиката, но и надвор од државата. Битно е да се афирмира хорот како самостојна единка. Низ градовите ќе настапуваме и со балетските уметници – вели Асотиќ.

Појасни дека ќе организираат и музички серијали под мотото „Земјите низ песна”, а во рамките на тој проект ќе се обидат да им приредат на љубителите на убавата музика незаборавни вечери со песни од одредена земја. Планирани се вечери со италијанска, германска, руска, мароканска, португалска музика, изведени заедно со врвни уметници од нивните земји.
– Освен „географски”, Македонската опера и балет планира да направи и „оф-програми”, тематски вечери како „Ноќ со…” на чиј репертоар ќе се најдат преработки од врвни музички поп и рок-ѕвезди. Пред Нова година, МОБ ќе биде отворен 24 часа и на секои 15 минути на неколку пункта ќе настапуваат дуа, триа, квартети, квинтети, а влезот за публиката ќе биде бесплатен – рече Асотиќ.
Посочи дека во Пловдив се поканети со балетска претстава, а планираат гостувања во другите држави.
– Ќе одиме низ основните училишта каде што на часовите со учениците ќе има 15 минути музика и 30 минути едукација и на тој начин ќе подготвуваме потенцијална публика – вели Асотиќ.
Додаде дека планираат да направат и обнова на националните дела.

Останати вести