При изборот на модриот патлиџан најважна е неговата свежина. Тој треба да биде лесен и со средна големина бидејќи таквите примероци содржат помалку семки, а тие ја предизвикуваат горчината на патлиџанот. Надворешната кора треба да биде сјајна и цврста, без оштетувања, кафени дамки или дупчиња.
Овој зеленчук успева во топли и влажни области. Во почетокот имал различни форми и боја, но денешниот модар патлиџан се карактеризира со познатата виолетова боја и дебела кожа. Модриот патлиџан, кој го прави посебен единствениот пријатен горчлив вкус е најдобро да се консумира од август до октомври. Тој во над 92 отсто е составен од вода, а содржи многу малку масти и калории. Содржи различни витамини и минерали, но е богат со целулоза, па ја поттикнува работата на органите за варење. Исто така, содржи значајно количество пектин, кој го намалува холестеролот. Модриот патлиџан е корисен за срцето бидејќи обезбедува значително количество калиум, кој помага во нормализирање на крвниот притисок. Овој зеленчук ја содржи и фитохемикалијата сапонин, која има антиалергиски, антиоксидансни, антиканцерогени и антивоспалителни својства.
Модриот патлиџан, исто така, содржи важни фитонутриенти, од кои многу се антиоксиданси. Истражувањата покажале дека антоцијанот насунин како и флавоните, кои освен што се антиоксиданси, ги чуваат клеточните мембрани од оштетување. Опитите изведени на животни покажале дека овие фитонутриенти ги штитат липидите на мембраните од мозочните клетки кои, пак, ги штитат клетките од слободните радикали. Други истражувања ги поврзуваат нанусинот и останатите фитонутриенти со намалување на холестеролот во крвта, а со тоа и во ѕидовите на артериите и аортата. Нанусинот го врзува железото и на тој начин ги штити клетките од оштетување и можното формирање тумори и спречува пероксидација на мастите.
Овој зеленчук изобилува со диетални влакна, кои може да се поделат на растворливи и нерастворливи. Во групата нерастворливи спаѓаат целулозата, хемицелулозата и лигнинот, а нерастворливите вклучуваат пектин и олигосахариди. Влакната имаат витална улога во регулирање на липидите во крвта и на холестеролот, ги штитат артериите од артериосклероза и кардиоваскуларни болести, а исто така ја поттикнуваат работата на цревата. Тие ја врзуваат водата за себе и спречуваат запек, го регулираат нивото на гликоза, даваат чувство на ситост, ги врзуваат жолчните соли и ги излачуваат од телото, го спречуваат нивно таложење во телото.
Најголем дел од состојките што имаат лековито дејство се наоѓаат во месото и во кората на модриот патлиџан, па истите се користат на различни начини. Kората од патлиџанот во народната медицина се зема како чај или тинктура, најчесто приготвени од свежа кора, но може да се користи и исушена. За подоцнежна употреба, иситнетата кора од патлиџанот со малку месо треба да се исуши на прозрачно место во сенка, а потоа треба да се чува на суво и студено место во хартиени или платнени вреќички. Месото, освен како лековита храна може да се користи и како облога.
Во Нигерија го употребуваат како контрацепциско средство, а со надворешна примена се користи како лек против ревма и ишијас, хемороиди и грчеви на мускулите. Во традиционалната кинеска медицина се користат исушени листови и плодови против болки, костоболки, невралгија, гастритис, рак на желудникот и алкохолизам, додека за надворешна примена против ревма, црвенило на кожата и изгореници.