Во неделата, на 28-ми февруари, се одржа модна ревија во организација на женската секција при црквата Св. Петка во Рокдаел.
Оваа група жени под водство на госпоѓата Лена Котевич го организираа овој настан со цел да се помогне финансиски за купување на нови столови за црквата Св. Петка, бидејќи тие што се сега во црквата се многу застарени и треба да се сменат, велат од женската група. Лена изјави дека на исти ден пред 23 години била организирана модна ревија во долната сала за да се купат столови за во црквтата и како што сите знаеме во животот треба да се поднови нешто.
Модната ревија беше прекрасно организирана, со бели покривки на столовите и црни панделки кои за тој ден беа донирани. Присуствуваа околу 200 жени и постари и помлади. Свечените фустани беа од бутикот ЗАЗА, чии сопственици се Елизабет и Пандора, а модната креаторка Џо Силјаноска од Лалески котуар, додека манекенки беа наши убави млади девојки како и жени од средновечна возраст. Следуваа бурни аплаузи за убавината на облеката и начинот на кој беа изложени.
Програмата ја водеше Милица Котевска, а за успехот помогнаа многубројни спонсори кои ја донираа богатата лотарија.
Славица Марчевска


