Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини изјави дека нуклеарниот договор со Иран не може да го поништи ниеден лидер, па ни американскиот претседател Доналд Трамп.
Могерини кажа дека Трамп не може да го укине нуклеарниот договор. „Американскиот претседател има големи овластување, но не за ова”, кажа таа.
Таа истакна дека немало кршења на нуклеарниот договор и дека тој функционира.
„Станува збор за силен договор кој дава гаранции и силен механизам за следење”, изјави високата претставничка на ЕУ.
Могерини истакна и дека ЕУ останува посветена на нуклеарниот договор со Иран.
Трамп изјави дека САД нема да потврдат дека Иран се придржува до нуклеарниот договор. Сепак, тој не го поништи договорот како што вети во предизборната кампања. Тој прашањето на договорот им го препушти на Конгресот и другите страни кои го потпишаа договорот со Техеран во 2015.
Иран и шест светски сили – САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија – на 14 јули 2015 година постигнаа договор со кој се ограничува нуклеарната програма во замена за укинување на меѓународните санкции на таа земја.