Во „Молња“ уапсени седум соработници на групите од Дива населба и Гошинце

Македонската полиција спроведе опсежна акција наречена „Молња”, со цел да ја открие целокупната мрежа на соработници и помагачи на криминално-терористичката група од кумановската Дива населба, која на 9 и 10 мај годинава се судри со полицијата. Извршени се претреси и апсења, во акцијата биле вклучени специјалните единици како и хеликоптери. 

Приведените се 7 лица на возраст од 20 до 74 години – тројца од кумановското село Отља, двајца од скопско Брест и по еден од Арачиново и Матејче. Сите се осомничени за извршување на кривични дела „терористичка организација” и „тероризам” со „помагање”.
За петмина судија во претходна постапка определил 30-дневен притвор, додека двајца се во домашен притвор (едниот е слабо подвижен поради скорешен мозочен удар а вториот е највозрасниот уапсен).
Како што информираа од МВР, во текот на досегашната истрага соодветно е документирана нивната улога и поврзаност со случувањата во Дива населба, како и инволвираноста во претходниот напад на Полициската станица во Гошинце.
– Осомничените главно имале улога на логистичари, односно при двата кривично-правни настани и помагале на групата во извршувањето и прикривањето. Освен помагањето на криминално-терористичката група од Дива населба, еден од осомничените имал обиди во текот на полициската акција да мобилизира помлади лица и со таа група да изврши напади во Скопје, да ја дефокусира полицијата и да ја намали нејзината сила во напорите за совладување на вооружената група во Куманово, соопшти денеска МВР.
– При претресите пронајдени се карти на голема Албанија, униформи на УЧК, 13 телефонски апарати, автоматска пушка, седум рамки за автоматска пушка, 127 куршуми 7,62 мм, две ловни пушки, гасен пиштол, машина за полнење патрони, сачми, околу 60 патрони, два испукани патрони, два детектори за метал, мапи и ВХС касети, лисици за врзување, 1,400 евра, 45 куршуми 7,9 мм, фотографии со припадници на УЧК, оптички нишан и други предмети и траги кои ќе бидат предадени на надлежниот Јавен обвинител, се наведува во соопштението од МВР.
При реализирањето на акцијата немало инциденти.
Поголемиот дел од осомничените веќе се познати на полицијата и против нив во повеќе наврати се поднесувани разни кривични пријави за кои им се изрекувани и затворски казни од надлежните судови.
Во мајската акција против криминално-терористичката група во Дива населба животот го загубија осум полицајци, а триесетина беа повредени. Во акцијата беа убиени и десет членови на вооружената група, а 28 се предадоа и против нив се води судска постапка.

Уапсен и синот на Сулејман од Брест
Меѓу уапсените во „Молња” е и Османи Ф. од Брест, син на Сулејман Османи, еден од 28-те уапсени терористи во Kуманово, кој успеа да и избега на полицијата.
Сулејман подоцна беше уапсен на Kосово. Во неговата куќа во Брест беше пронајдено дел од оружјето украдено од караулата во Гошинце, а тој избега додека на полицајците им го покажуваше остатокот од оружјето кое било закопано во бункери во Малина Маала. Според МВР, синот на Сулејман, заедно со Љатифи, го зел оружјето по нападот на караулата и го скрил во бункерите.

Патериците на “Командант Арачиново“ го однесоа во куќен притвор

Ибрахим Муртезани, познат како “Командант Браха или Арачиново”, кој беше уапсен во акцијата „Молња”, е во куќен притвор поради лошата здравствена состојба, информираа од Основен суд Скопје 1.
Тој за време на конфликтот во 2011 година беше еден од четворицата команданти во Арачиново, но за безбедносните служби беше познат како командант Браха. Останатите тројца беа Џезаир Шакири – Хоџа, Назми Сулејмани – Волк и Џавид Асани.
Освен на Муртезани, куќен притвор му е одреден и на Е.О.(74). Сите се осомничени дека биле логистика на терористичката група разбиена во Kуманово. Уапсените ги криеле терористите и им овозможувале безбеден транспорт пред и по нападот на полициската станица во Гошинце, како и пред престрелката со полицијата во Kуманово.
Од МВР велат дека апсењето на седумтемина е резултат на досегашната истрага за инцидентот од 9 и 10 мај во Дива Населба, а која се уште трае.
– Пред судија на претходна постапка беа спроведени осомничените кои се товарат за помагање терористичка организација, како и тероризам, а еден и за недозволено изработување, држење и тргување со распрскувачки материи. По разгледување на фактите и доказите приложени од Обвинителството, Судот утврди дека се исполнети условите на осомничените да им определи мерка притвор во траење од 30 дена, а на две лица мерка куќен притвор – соопштија од судот.
Kако што претходно информираа од МВР, Муртезани, кој за време на воениот конфликт во 2001 година беше еден од четворицата команданти во Арачиново, сакал да изврши напади врз полициски станици во Скопје додека специјалците се бореле со терористите во кумановската Дива Населба. Тој се обидувал во текот на акцијата во Kуманово да мобилизира помлади лица и со таа група да изврши напади на полициски станици во Скопје за да ја дефокусира полицијата и да ја намали нејзината сила во напорите за совладување на терористите.
Тој неодамна имал мозочен удар, најверојатно, како резултат на долгогодишното користење дрога, при што доживеал несреќа и ја скршил ногата. Тој е осомничен дека и финансиски ги помагал терористите. Неговите планови не биле поврзани со плановите на разбиената група за напади на полициските станици во Тетово, Гостивар, Kичево, Зајас и Kуманово, како и за терористички напади за време на Скопскиот маратон, како и во трговскиот центар „Сити мол”, Kамениот мост и други објекти во Скопје.
Меѓу уапсените е и Рагми Љатифи од селото Отља, кој за време на конфликтот во 2001 година во една од бригадите на ОНА му беше заменик на командантот Мухамед Kрасниќи – Малишева, кој беше уапсен во Kуманово и се сметаше за предводник на терористичката група.

Останати вести