Момче уапсено за скандалот со игли во јагодите во Австралија

Австралиската полиција уапси „младо дете” кое било фатено како с тава игли во јагодите во продавница во скандалот кој го потресе целиот континент.

Детето, чие име не е соопштено поради неговите години, било уапсено и признало дека бодело игли во јагодите во продавница, додавајќи дека тоа било „само шега”.
Тој е еден од којзнае колку луѓе одговорни за оваа саботажа. Боделе игли во јагоди, но и во банани и јаболки, во продавници ширум Австралија. Во сите шест сојузни држави се пријавени вакви случаи, а еден човек завршил во болница бидејќи проголтал игла.
Конкретно ова дете веројатно ќе се извлече со поблага казна, бидејќи ќе му се суди како на малолетник, но властите велат дека кон возрасните нема да имаат милост.
Пријави има се повеќе, а една од најалармантните дошле од Основното училиште „Сент Пол” во Њукасл, северно од Сиднеј, каде децата пронашле игли во бананите за ужина.
„Среќа што детето ја виде иглата пред да гризне. Ја информиравме локалната полиција, го посетија училиштето и спроведоа истрага. Ако наредните денови праќате овошје, ве молиме прво исечете го и пратете го во пластична кутија”, соопшти училиштето.
Истрага покажала дека во злосторство учествувале и други поединци кои го копирале детето. Сите ќе бидат строго казнети.
Голем проблем имаат и земјоделците, бидејќи масовно ги откажуваат нарачките на овошје.
„Секој ден трошиме 25.000 долари на берачите на јагоди – кои ги фрламе! Секако мораме да ги собереме за да не скапат и да привлечат муви, кои ќе го нападнат целиот род. Некои морале да го сопрат производството бидејќи секој ден фрлаат пари во пропаст и не знаат кога повторно ќе почне редовната продажба”, вели Гевин Скар, фармер од Квинсленд.

Ставањето игли во јагоди е терористички чин, изјави австралискиот прајминистер
Саботажата со австралиските јагоди кои содржат игли за шиење може да се спореди со терористички чин, рече прајминистер Скот Морисон во врска со аферата што предизвика паника во Австралија. Морисон ги повика Австралијците да прават колачи од јагоди за да им помогнат на засегнатите одгледувачи. Побара и заострување на легислативата со цел на одговорните за контаминација на храна да може да им се изрекуваат казни и до 15 години затвор.
Дваесетина јагоди во кои имало ставено игли за шиење беа откриени ширум Австралија, што предизвикува паника кај населението. Некои супермаркети одлучија да ги повлечат јагодите од полиците.
„Овој тип криминал може да се спореди со поседување педофилски фотографии или финансирање тероризам. Ја сфаќам оваа афера премногу сериозно”, рече шефот на владата.
„Продолжете да купувате јагоди како порано, но преземете мерки на претпазливост”, им предложи тој на граѓаните. Полицијата сè уште трага по сторителите. Министерот за здравство, Грег Хант, во понеделникот рече дека наредил истрага на органите за квалитет на храната, кои треба да ги испитаат инцидентите пријавени во шест од осум австралиски држави и територии.

Останати вести