Организацискиот одбор за прослава на Водици во Гостивар парите што беа собрани од доброволните прилози на граѓаните ги донираше во изградбата на манастирот «Свето Преображение Христово» во населбата Циглана.
– Фаќањето на крстот е голема среќа и за мене тоа е света работа. Од тие причини, парите со кои ме даруваа моите сограѓани сакав да ги наменам за некоја убава цел. Мислам дека секој што е во можност треба да помогне за неговото довршување – изјави Павел Давидоски, по уплатата на средствата.
На годинашното, обновено чествување на празникот Водици во Гостивар, по седумдецениска пауза, на Павел му појде од рака да го извади светиот крст од водите на Вардар меѓу триесетината гостиварци. Манастирот во населбата Циглана почна да се гради во 2014 година и е првиот православен храм во Гостивар што се гради по повеќе од еден век.
