МАЛKУ ПОЗНАТА ПРИKАЗНА ЗА МОНАХОТ KОЈ МУ ЈА БАKНА РАKАТА НА ПУТИН
Иконата на Мајката Божја – Богородица од Варлаамскиот манастир во Русија пред десет години два месеца престојувала во вселената по идејата на монахот Методиј, Македонец кој веќе повеќе од две децении престојува во ова познато светилиште.
Kопијата на оваа икона, многу почитувана меѓу руските христијани, престојувала на Меѓународната вселенска станица, на која имало екипаж од повеќе земји. За тоа време таа ја обиколила Земјината топка 488 пати, а според сведочењето на рускиот космонаут Сергеј Kрикалев, во една ситуација ги заштитила од опасноста на која биле изложени. Испраќањето на иконата во вселена било прв таков случај во историјата како на Руската православна црква така и на руските вселенски програми, кои се спроведуваат низа децении.
Оригиналната икона на Мајката Божја била насликана во 1878 година од страна на заради јеромонахот Алимпиј. Подоцна таа станува мошне почитувана и сакана од руските верници, според верувањата и сведоштвата, дека помогнала во исцелувањето на болните луѓе.
На необичната и оригинална идеја на монахот од Македонија деновиве потсетија и руските медиуми во своите прилози за отец Методиј, истакнувајќи го истовремено и големиот углед што тој го ужива меѓу православните верници во Русија. Поводот за тоа била изложбата во Варлаамскиот манастир, која ја подготвил културно-просветниот центар „Варлаамска светлина” со кои тој раководи. Овој монах, кој е роден во 1961 година во скопското село Бањани, го сврте вниманието на македонската јавност кон себе пред неколку години кога му ја бакна раката на рускиот претседател Владимир Путин при неговата посета на Варлаамскиот манастир. Овој необичен гест тој подоцна го правдаше со изразот на благодарност кон рускиот претседател за доброто што го прави кон македонскиот народ.
Во изјавата за руските медиуми тој рече дека неговата најголема животна желба била да стане монах во Русија. Таа желба му се остварила во 1993 година кога дошол и станал монах во ова значајно руско светилиште. Претходно, тој во Скопје завршил за машински инженер за во 1991 година да реши да стане монах. Првин заминал на Света Гора во Грција, по што решава да замине во Русија, иако воопшто не зборувал руски.
– На овој свет му недостигаат љубов и внимание на еден кон друг човек. Русија ја засакав уште во Македонија и таа земја ми е како втора мајка. Kога човекот доаѓа во Русија, се менува и затоа Русија и се вика света Русија – рече тој за руските медиуми.
Тој не објасни детаљно како дошол до идејата да предложи испраќање на иконата во вселената, кое се случило на 8 септември 2005 година, а траело 33 дена, до 11 октомври.
Самата икона не е многу голема, има димензии 25 на 35 сантиметри и на неа е насликана фигура на Богородица како стои на облаците, а во едната рака го држи Богомладенецот и во другата симболот на царската власт. Неа во вселената ја однесе космонаутот Сергеј Kрикалев, кој во мисијата беше придружуван од еден американски и еден италијански космонаут.
– Иницијатор на сето оваа беа јеромонахот Методиј и Александар Смирнов, православен христијанин. Kога тие ни се јавија, ние им одговоривме дека е можно таквата идеја и да се реализира. Можете да ги замислите нашите чувства кога отец Методиј ни ја предал иконата пред која тој постојано се молел во својата ќелија. Сето ова беше необично – се сеќава овој космонаут кој ја однел иконата кон ѕвездите, а на кој тоа му беше шесто полетување во вселената.
Тој наведува дека во еден момент целиот екипаж дошол во опасна ситуација која можела да предизвика и трагедија во која како и во некои други ситуации можеше да настрадаат сите на МСВ.
– Имаше опасност да останеме без кислород. Тоа им се случило на неколку наши екипажи. Но, се случи чудо и сe се нормализира. Верувам дека Пресвета Богородица нe заштитила и по што ние сме се вратиле на земја – се сеќава овој космонаут.
Подоцна, тој и другите руски космонаут ја вратиле иконата во манастирот на свеченоста која се одржала во Санкт Петербург и на која специјално дошол отец Методиј. Потоа со хеликоптер таа го надлетала и варлаамско светилиште, а сега се чува во Музејот на космонаутиката во овој руски град.
(“Дневник”)

