Монахот Никодим како обвинет ќе треба да се појави на судот во Хајделберг на 20 септември

Кога наизглед започна да се средува деценискиот раскол во Австралис­ко-новозеландската епархија, со престанок на судењата за сопственоста на “Св. Петка” во Рокдаел, сега изгледа австралиската полиција ги зема работите во свои раце со потенцијал за голем скандал.

Во средата на распит во полициска станица во Мелбурн беше владиката Петар, а за 20 септември во својство на обвинет во Основниот суд на Викторија треба да се појави монахот Никодим Солунчев.
Официјални информации нема, но од изјавата на владиката Петар за медиумите се дознава дека во прашање е спор за монасите.
Се присетуваме дека превирањата започнаа откако игуменот Гаврил во австралиската епархија почна да станува сè популарен и повлијателен меѓу македонските верници. Отец Гаврил лани во јануари од министерот за одбрана на Австралија Кевин Ендрјус ја доби наградата за Денот на Австралија за неговиот придонес во заедницата. Работата на Гаврил Галев, игумен во македонскиот православен манастир Св. Прохор Пчињски во Донибрук, беше спомната и во официјалниот говор на тогашниот прајминистер на Австралија Тони Абот.
Потoа започнаа виења на суети и го пратија игумен Гаврил во црковен притвор со обвиненија за мал­верзации итн. Првиот човек на Австралиско-новозеландската епархија на МПЦ-ОА реши на свештеникот кој го полнеше македонскиот манастир Св. Прохор Пчински во Донибрук да му забрани комуникација со верниците и беше пратен во манаситрот во Роклин.
„Во еден момент добив закана од свештеник при нашата епархија дека тука сум направил свое царство кое тие ќе ми го срушеле. Оттука па натаму работите тргнаа наопаку, без притоа да има некаква посебна причина”, изјави лани отец Гаврил.
Повеќе ќе се дознае за наводниот конфликтот меѓу монасите, за кој владиката Петар изјави дека се работело за меѓусебна клевета, а тој бил повикан да сведочи на следното рочиште во судот. Расправата започнува во локалниот суд во Хајделберг во вторник, на 20 септември 2016 година.
На почеток од годинава монахот Никодим еднаш веќе беше на насловните страници во врска со пожарот во “Св. Никола” во Престон.
Прашање кај сите е зошто владиката Петар е повикан со полициска придружба во полицијата за случај што државата го води против монахот Никодим?
Од МПЦ се воздржани околу случувањата во Австралија.
„Не би можел ништо да коментирам се додека не добиеме некаков официјален документ од австралиските власти”, изјави портпаролот на МПЦ, владиката Тимотеј.

Останати вести