Австралиската алпинистка, 34-годишната Мариса Страјд, починала од болест за време на походот на Монт Еверест со својот сопруг. По трагедијата нејзиното тело останало заробено на планината бидејќи сопругот, исто така болен, не успеал да го понесе со себе.
Нејзиното семејство сега се обидува да смисли начин како да го пренесе нејзиното тело во Австралија.
Сопругот на Мариса, Роберт Гропел, успеал да го преживее овој поход на освојување на највисокиот врв на светот, иако заболел од воспаление на белите дробови. Иако не се чувствува добро, тој е „потполно очаен” и одбива да го напушти Непал без телото на својата сопруга.
Телото на несреќната жена сè уште се наоѓа во „зоната на смртта” и ќе биде тешко да се пронајде начин да се извлече од таму.
Алета Њуман, сестра на починатата Страјд, вели дека приоритет на семејството е да пронајде начин телото од 8.000 метри висина да се пренесе во Австралија.
„Мило ми е што слушаме дека Роберт ќе успее да го донесе телото на Мариса. Тој е личноста која ќе ни објасни што всушност се случило, бидејќи бил присутен. Во состојба е да зборува за тоа, но целосно скршен. Одлучен е да не го напушти Непал без нејзиното тело”, изјавила сестрата на починатата за Daily Mail.
Родителите на Роберт допатувале во Непал за да му помогнат во намерата да го спушти телото од големата висина и да го врати во Австралија, каде што ќе биде погребано.
