Морисон се извини за изјавата дека во Австралија немало ропство

Австралискиот прајминистер Скот Морисон се извини за тоа што претходно неделава изјави дека во Австралија немало ропство.

Морисон предизвика остри критки во четвртокот кажувајќи дека „во Австралија немало ропство” за време на расправа за првите денови на британското населување кое го опиша како „прилично брутално”. Историчарите, абориџинските активисти и дел од пратениците беа шокирани и згрозени од коментарот.
На конференција за новинарите одржана во Канбера Морисон кажа дека во претходната изјава мислел на фактот дека првата австралиска колонија Нов Јужен Велс била основана без широко распространето ропство.
„Моите коментари немаа намера да навредат, а ако навредија некого, длабоко жалам поради тоа и се извинувам”, кажа Морисон додавајќи дека токму тој е страсен заговарач за правата на австралиските Абориџини.
Морисон во четвртокот во радио-интервју во кое зборуваше за протестите Црните животи значат и повиците за отстранување на споменикот на британскиот истражувач Џејмс Кук ја кажа спорната изјава.
„Моите претци биле во првиот и вториот бран осудени доселеници. Било тоа прилично брутално место, но во Австралија немало ропство”, кажа тогаш Морисон.
Иако во Австралија немало ропство во онаа мера како во САД, ропството постоело на континентов во 19 и 20 век, на места како плантажите на шеќерна трска во Квинсленд. Други критичари укажаа на присилното одведување на жителите на пацифичките острови за да работат во лоши услови и без плата.

Останати вести