Пред триесет години Американците ги вооружуваа муџахедините да се борат против советите, пишува Дојче веле. Денес, според некои извори, Русите ги вооружуваат талибанците за да се борат против Американците. А додека тие играат геостратегиски игри, Авганистан страда.
Имајќи ја предвид загрижувачката безбедносна ситуација во Авганистан, американскиот претседател Доналд Трамп сигурно ќе попушти пред притисоците на својот воен врв кој бара зголемување на бројот на американски војници во таа земја. Засега се зборува за дополнителни 3.000 до 5.000 војници. Во моментов во Авганистан во рамки на мисијата „Решителна поддршка” (Resolute Support) се стационирани 8.400 американски војници, како и 5.000 војници од составот на НАТО. САД неодамна во немирната јужна провинција Хелманд испратија 300 маринци. Инаку, американските трупи од Хелманд се повлекоа пред три години. Маринците сега треба пред сè да служат како инструктори за обука на авганистанската војска.
Во преодниот период меѓу мандатот на Обама и на Трамп американската стратегија за Авганистан беше нејасна. Се случуваше она на што критичарите предупредуваа со години – ниту има вистински мировен процес, ниту талибанците се воено победени. Маратонската интервенција по 16 години всушност не го промени суштински односот на силите во земјата.
Бидејќи во политиката не може да има вакуум, американската нерешителност ја искористи Москва. На неколку регионални конференции за Авганистан на кои учестуваа регионални сили како Пакистан, Индија и Кина, Москва се обиде да се постави како мировен посредник. Русија се обидува да го направи она што САД одамна безуспешно се обидуваат да го направат: да ги вклучи талибанците во мировниот процес. За возврат Москва се залага за ублажување на меѓународните санкции на лидерите на фанатичните бунтовници ако се спремни на соработка.
Американците по природа се скептични околу руските потези во Авганистан. Американскиот министер за одбрана Џејмс Матис кон крајот на април при ненајавена посета на Кабул изрази „длабока загриженост” поради извештаите за руски испораки на оружје на талиубанците. Поконкретен беше неименуван припадник на американската војска која за агенцијата Асошиејтед прес кажа дека Русија на талибанците во покраините Хелманд, Кандахар и Урусган им доставува автоматски пушки и лесно оружје. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров овие обвинувања ги отфрли како неосновани.
Прашањето е: што се крие за наводната руска испорака на оружје на талибанците: Сет Џоунс е директор на Џентарот за безбедносна и одбранбена политика која дејствува во рамки на Ренд кооперејшн и тесно соработува со Пентагон. Тој за Дојче веле изјави дека е сигурен дека изјавите на соработниците од министерството за одбрана се засновани врз сигурни информации. „Таквите изјави, особено ако доаѓаат од високи претставници на владата, мора да бидат проверени од странски тајни служби кои користат свои извори кои ги имаат на располагање”.
Од друга страна, овој експерт предупредува дека Русија е пребрзо идентификувана како значителен испорачувач на оружје на талибанците. „Талибанците добиваат оружје и други видови помош од низа други извори, државни и недржавни. Во тој контекст руската поддршка, без оглед дали станува збор за убиствено или друго оружје, е многу ограничена”. Џонс верува дека станува збор за полесно вооружување. „Врз основа на историското искуство, испораката на ефективно оружје како ракети земја-воздух на таквите групи е чист автогол. Мислам дека секој потенцијален испорачувач добро ќе размисли за квалитетот и квантитетот на испораките на оружје на талибанците”.
Еден од мотивите за засилениот руски ангажман во Авганистан е и загриженоста за безбедносната ситуација на југот на земјата, вели политикологот Џоунс. „За Русија е важно тоа што во Авганистан и во регионот дејствуваат повеќе милитантни групи. Во Москва внимателно се следи ангажманот на Американците и се поставува прашањето каков ефект има тоа врз терористичките активности и стабилноста на руското јужно крило”.
Појавувањето на Исламска држава (ИСИС) во Авганистан во 2014 во Москва предизвика страв од можни терористички активности и на јужните руски граници. Поради успехот на талибанците во чистењето на југот од припадниците на ИСИС и нивната упорна борба против џихадистите во другите делови од земјата, талибанците за Москва се потенцијални сојузници, смета Сет Џоунс. „Талибанците го проширија надзорот врз руралните области. Можната руска идеја е дека долгорочно гледано соработката со нив нема да биде штетна ако САД, НАТО и авганистанската влада не успејат да ја стабилизираат земјата”.
Тоа е значи долгорочното размислување. За почеток Русија се обидува да се претстави како чесен посредник. Сепак, тешко е во тоа да ги убеди функционерите во Кабул. „Голема грешка е да се прави разлика меѓу добри и лоши терористи”, изјави неодамна еден советник на авганистанскиот претседател Гани.