Државјанинот на Австралија што беше прогласен за најопасниот познат оперативец на Исламска држава е убиен во воздушните напади од страна на американските сили во Ирак.
Австралискиот државен обвинител Џорџ Брандис потврди за медиумите дека Нил Пракаш, исто така познат и како Абу Халед ел-Камбоди, е убиен во петокот во Мосул.
24-годишниот австралиски државјанин од камбоџанско-фиџиско потекло во 2012 година преминал од будизам во ислам, а една година подоцна отпатувал во Сирија.
Поранешниот рапер од Мелбурн се појавуваше на видеоснимките на Исламска држава, планирал терористички напади во Австралија и организирал напади од заседа врз припадници на војската на САД.
Според зборовите на Брандис, Пракаш бил еден од најбараните екстремисти и најопасен Австралиец во редовите на ИСИС на Блискиот Исток.
Брандис потврди дека во Сирија е убиена сестрата на 15-годишниот Австралиец Фархад Џабар, кој беше убиен од полицијата откако во октомври минатата година уби полициски сметководител во Сиднеј.
Неговата сестра Шади Џабар Халил Мохамад ја напушти Австралија ден пред убиството на братот.
Шади и нејзиниот сопруг Абу Сад ел-Судани, по потекло од Судан, беа убиени на 22 април во воздушен напад во близина на сирискиот град на Ел Баба. Обајцата беа борци на Исламска држава и планираа напади во западните земји, рече Брандис. Според процените на австралиските власти, најмалку 110 австралиски државјани се борат во редовите на Исламска држава на Блискиот Исток.