Состојбата со мозаиците во Хераклеја е алармантна, оценува академскиот сликар и експерт по мозаици Газанфер Бајрам, по втората фаза од ендоскопското снимање на мозаичните површини во античкиот локалитет Хераклеја, што се одвиваше во текот на минатиот месец и се очекува да донесе напредок во зачувувањето на мозаичното богатство во античкиот локалитет крај Битола.
Одговарајќи на новинарско прашање дали алармантната состојба со мозаиците во Хераклеја е резултат на незнаење или негрижа, академикот смета дека проблемот лежи и во двете работи.
Најголемиот проблем е подлогата, односно појавата на пукнатини што се јавуваат кај мозаиците, за што од Завод и музеј Битола сметаат дека мора да се решаваат со заедничка помош од Министерството за култура.
Археолозите од Завод и музеј Битола тврдат дека токму мозаиците во Хераклеја се магнет за туристите, привлекувајќи го најголемото внимание на посетителите.
Решение: туристите ќе одат по метални патеки
Одговорните лица во битолскиот Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, кој управува со локалитетот, сметаат дека веднаш најдоа решение за проблемот: наместо по ѕидовите на откриените објекти, посетителите на античкиот локалитет Хераклеја Линкестис отсега ќе се движат само по метални патеки.
– Во Хераклеја досега на посетителите им беше овозможено да се движат по ѕидовите на откриени објекти бидејќи не се многу високи, а како практика се применувала долго време. Ние одлучивме тоа да го забраниме и го забранивме заради поголема безбедност на посетителите и пред се заштита на ѕидовите и мозаиците. Сега сите посетители ќе се движат по јасно утврдени патеки, посочени со патоказна табла. Освен забраната за движење по ѕидовите, строго забрането е газење по мозаичните површини со што ќе се спречи нивното оштетување. Новопоставените патеки се метални и водат до сите мозаични површини – изјави директорот на битолскиот Музеј, Зоран Алтипармаковски. Тој додава дека новите заштитни мерки се стандардни и се применуваат во многу локалитети низ Европа.