Познатиот новинар Бранко Героски тврди дека зад изнудата од Орце Камчев стои лично и персонално Катица Јанева!? А вмешана била и обвинителката Лиле Стефанова, која е директно задолжена за случајот “Империја”.
Героски веќе подолго време наназад ја “обработуваше” темата за рекетарите “Коки и Зоки” (псевдоними за уапсените Боки 13 и Кичец). Раскажуваше случаи како биле уценувани градоначалници и бизнисмени и побара премиерот и обвинителството да покажат дека навистина во државата постои борба против корупцијата.
“Во што се состоела играта? Двајцава рекетари (засега само двајца), повикувајќи се на своето пријателство со обвинителот (засега само еден), на сведокот-жртва му се закануваат дека за него имаат компромитирачки материјали и дека тие можат кај обвинителот да му обезбедат некаква „милост”. Безмалку цели две години трае тој рекетарски притисок врз жртвата. Патем речено, сведокот-жртва е само еден од неколкуте познати и видни македонски бизнисмени, кои се рекетирани на истиот начин – од нив се барани огромни суми пари, преку учество во разноразни „проекти” и „бизнис-зделки”, а наградата требало да биде тоа што семоќниот обвинител (чиј статус во јавнообвинителскиот систем, патем речено, не е решен) против нив немало да покренува истраги и обвиненија” – пишува Героски.
По серијата текстови бил замолен и од премиерот и од обвинителството да се стрпи малку бидејќи истрагата е во тек. Тоа го потврди премиерот Заев по пратеничко прашање на Антонијо Милошоски, но ОЈО тврдеше дека нема истрага. Еве, сега, истрагата е започната…
Со помош на странска држава обезбедени аудио и видео снимки како докази
… Поради недоразбирање околу поставените прашања на прес-конференцијата на Јовески и Русковска, се доби впечаток дека плаќајќи 1.5 милиони евра рекет жртвата-сведок успеала да ја добие „милоста” од спомнатиот обвинител. Но, вистината е дека тоа се нема случено! Со никаква „милост” не возвратил обвинителот, за кого јас по трет пат кажувам дека е мозокот на операцијата. Уапсените во овој случај излегуваат на слобода со одлука на Врховниот суд, а популарниот обвинител, со неговите двајца подопашници – замислете! – продолжуваат да го рекетираат сведокот. Бараат милиони евра…
Арно ама, сега охрабрен дека обвинителската монтажа сепак ќе падне и свесен дека позициите на рекетарската група веќе не се толку силни како порано (иако алчноста не им недостасува), жртвата одлучува да излезе од рекетарската спирала. Со посредство на една пријателска земја, за извршениот рекет се обезбедени многу цврсти, практично несоборливи докази. Нема бегање од тие докази! Од таа пријателска земја за сведокот-жртва е испратено и специјално лично обезбедување. За секој случај. И додека македонските органи на прогонот се соочуваат со доказниот материјал за скандалот, за милионскиот рекет, сведокот-жртва полека но сигурно почнува да се враќа во нормалниот социјален живот.
На мое инсистирање да ми каже кој, според него, стои зад овој случај на милионски рекет, човекот ме убедуваше дека тука нема политичка заднина или режија од сегашната влада, туку во целост станува збор за игра на поединци, рекетари, обвинители и судии…” – пишува Героски.