МПЦ бара отпуст на расчинетите свештеници во Австралија

Оваа епархија би требало да биде првата во историјата на нашата црква што е регистрирана како правно лице надвор од Македонија, иако, според Уставот на МПЦ, таков статус е предвиден за сите македонски епархии во дијаспората 

Регистрирањето на новата епархија за Австралија и Нов Зеланд сè уште стои непотврдено од страна на Синодот на Македонската православна црква-ОА, поради расчинетите свештеници, кои и понатаму служат во најголемите македонски цркви на австралискиот континент, а кои им припаѓаат на црковните општини што не ја признаваат јурисдикција на владиката Петар.
Ова е главната причина поради која Синодот на МПЦ пред два дена на редовна седница заклучил дека сè уште не се исполнети условите и реалните можности за создавање и опстојување на тамошна нова епархија.
– Имајќи го предвид договорот со црковните општини од декември 2012 година, кои беа примени под директна надлежност на Синодот, како и тоа дека тој од страна на претставниците на овие црковни општини не е доследно исполнет иако поминаа речиси три години, Синодот, во надеж дека договореното сепак ќе се исполни, им дава дополнителен рок до 31 декември 2015 година да ги исполнат своите обврски – пишува во соопштението на Синодот.
Истовремено ги повикуваат оние цркви и црковни општини каде што има расчинети свештенослужители веднаш да ги отстранат и да им се забрани секаква црковна дејност, во согласност со пресудите и со одлуките на надлежните црковни тела и органи и да достават барања до Синодот за поставување нови и легитимни свештеници.
Ова ни го потврди и владиката Тимотеј, кој истовремено е и координатор за овие црковни општини. Според него, не е исполнето главното барање, односно дека расчинети свештеници не можат да работат во новата епархија.
– Каква епархија ќе правиме ние со расчинети свештеници? Им беа дадени пет месеци да ги средат работите и да поднесат барање за нова епархија. Сега имаат нов рок, односно до крајот на годината да ги прецизираат работите. Во спротивно ќе излезе дека дедо Петар бил во право – вели г. Тимотеј.
За време на посетата во Австралија што ја оствари на почетокот од годинава, владиката Тимотеј рече дека на Македонците што живеат таму им порачува дека патот што го посочуваат МПЦ и Светиот архијерејски синод е да живеат во слога, во разбирање и во натпреварување за доброто, а не да се расправаат.
Инаку, оваа епархија би требало да биде прва во историјата на нашата црква што е регистрирана како правно лице надвор од Македонија, иако, според Уставот на МПЦ, таков статус е предвиден за сите македонски епархии во дијаспората.
Игор Аврамовски Александров, претседателот на Здружението на македонските заедници во Австралија, најави дека ќе ја разгледаат одлуката на Синодот и дека за неколку дена ќе излезат со свој став.
За потсетување, во декември 2012 година Синодот на МПЦ-ОА ги прими под своја директна надлежност тринаесетте македонски православни храма во Австралија, по нивниот шеснаесетгодишен отпор кон обидите на владиката г. Петар да им ги узурпира имотите и приходите.

(“Нова Македонија”)

Останати вести