МПЦ и планинарите во војна: Чиј е Домот покрај црквата “Св. Андреја“?

Манастирската црква “Свети Андреја“ е заштитено културно наследство од 14 век. Црквата ја изградил Анреја (Андраш), еден од синовите на Кралот Волкашин односно брат на Кралот Марко. Тапијата од 1931 година зборува дека земјиштето во големина од над 4 хектари околу манастирот е на Црквата

Скопската епархија на МПЦ-ОА побарала од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ) да го отстапи Домот кој се наоѓа на платото до манастирската црква “Свети Андреја”, на брегот на езерото “Матка”.

Црквата тврди дека земјиштето на кое е изграден Домот е нејзино за што располага со тапија од 1931 година, како и со пресуди на надлежни судови и со одлуки на надлежни државни органи за планинарскиот дом „Матка”. Од Федерацијата на планинарски спортови (ФПСМ) дека МЦ-ОА сака насилно, после 75 години да им го одземе домот.
Претседателот на ФПСМ, познатиот хирург Јовица Угриновски врз основа на документи и фотографии направени од 1938 година наваму, вели дека Федерацијата го добила планинарскиот дом „Матка” на владеење од државата, но дека поради една катастарска грешка и е доделен на МПЦ – ОА.
Според Угриновски домот „Матка” во средината на 1960-те години е земен под владение од планинарите и во следните години е дограден и реновиран. Во 1987 година домот е преземен од Спелеолошко друштво „Пеони”. Поседовен лист од Катастарот добиле во 2008 година.
ФПСМ тврди дека успеале времено да го спречат одземањето на домот „Матка” од МПЦ – ОА и ја повикаа црквата да каже врз основа на кои документи станала сопственик.

Скопската епархија пак излегува со тврдење дека Федерацијата на планинарите на незаконски начин го презела домот, без соогласност на црквата која пак е сопственик на парцелата.

– По тужба на МПЦ, поднесена пред Основен суд Скопје 2 Скопје, со кој се бара предавање во владение на имотот заведен во ИЛ 70 парцела КП 1070/2, Судот донел одлука со која го предал во владение недвижниот манастирски имот. Пресудата е правосилна, потврдена и од Апелационен суд Скопје, и во овој момент се води постапка пред надлежен извршител за предавање во владение на имотот. Но, во текот на месец октомври 2017 година, Федерацијата направила легализација над имотот, односно на дивоградбите изградени на парцела во сопственост на МПЦ, без согласност на сопственикот. По извршената легализација, во текот на јануари 2018 година, кога веќе е започната извршната постапка за предавање во владение на конакот, Федерацијата продолжила да постапува незаконски, продавајќи го конакот на актуелниот закупец – објаснува Скопската епархија.
Угриновски тврди дека во 2009 година, одеднаш, преку ноќ, Комисијата за денационализацијата планинарскиот дом го преименувала во конак. Две години подоцна, на 15 ноември бил издаден документ од Катастар на кој планинарскиот дом „Матка” е во сопственост на ФПСМ, а само еден ден подоцна од истата државна институција излегол друг поседовен лист на име МПЦ–ОА.

– На 15-ти еден сопственик, на 16-ти друг. На ова и Коперфилд може да позавиди, како со волшебно стапче Катастарот врши промена на сопственост – рече Угриновски на прес-конференција.

Од Епархијата тврдат дека сите наводи на ФПСМ, кое е Здружение на граѓани и има добиено на користење недвижност која ја користи спротивно на Законот, е со цел да се стекне со имот сопственост на МПЦ.

– Во овој контекст треба да се знае дека манастирот „Свети Андреја” е изграден во 14. век, и целиот комплекс е од исклучителна историска вредност, и е споменик на културата заштитен со Закон. Затоа, без желба да влегуваме во јавна полемика и докажување, истакнуваме дека МПЦ располага со докази за сопственост – тапија од 1931 година, како и со пресуди на надлежни судови и со одлуки на надлежни државни органи – информира Скопската епархија.

Од таму потсетуваат дека Федерацијата е основана како здружение на граѓани и дека работи и врши активности согласно Законот за здруженија и фондации („Сл. весник на РМ, бр. 52 од 16. 4. 2010 година) и дека спорниот имот на планинарите им бил доделен само на користење.

– Со Одлука на Владата на Република Македонија број 23-3568/1 од 16. 05. 1994 година и Договор за давање времено користење на недвижен имот во општестевена сопственост број 03-51/2 од 17. 02. 1995 година, на Федерацијата, како здружение на граѓани ѝ е даден на користење објектот во непосредна близина на црковниот храм (н.з. конак при манастирот „Свети Андреја”). Правото на користење од граѓанско-правен аспект не значи и право на сопственост, туку само право недвижноста привремено да се користи за потребите на здружението на граѓани, а не да се стопанисува со него и да се остварува приходи – реагира Скопската епархија и се повикува на законски одредби според кои здруженијата на граѓани се обврзуваат дека ќе го користат имотот во државна сопственост под закуп, доколку се користи за целите и задачите на здружението на граѓани, во случајов Федерацијата на планинарски спортови на Македонија.

– Во став 2 е предвидена изрична забрана дека имотот не може да биде предмет на подзакуп. Но, и покрај ова, Федерацијата наведениот имот подолг период го дава во подзакуп и со него стопанисува и го користи како угостителски објект, а не за целите на здружението како што налага Законот – тврди скопската епархија.

Македонската федерација на планинарски спортови (ФПСМ) вели дека настапува во име на повеќе од 30 илјади планинари и независно на ставот од Скопската епархија, која вели дека планинарскиот дом „Матка” е со тапија на црквата, побара надлежните да спречат какви било обиди за узурпација на домот.

Останати вести