Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Јустинијана Прима засега е воздржан во однос на признавањето на автокефалноста на Украинската православна црква од Вселенската патријаршија.
Во изјава за порталот “МКД.мк” владиката Тимотеј вели дека така и ќе остане, МПЦ-ОА нема зошто да брза и ќе остане воздржана „со надеж дека наредни за признавање на автокефалноста сме ние”
Сите очекувања се дека Вселенската патријаршија наскоро ќе го почне процесот за признавање и на МПЦ. Мислењата се поделени во однос на тоа дали ова признавање мора да биде поврзано со признавањето на Украинската православна црква (УПЦ) и промена на името на МПЦ-ОА.
Според владиката Тимотеј нема зошто да се брза, а во однос на промената на името тој категорично вели:
– Ако е тоа условот ние нема да прифатиме такво нешто. Преспанскиот договор не ја обврзува црквата да го промени името, МПЦ-ОА не се финансира од буџетот на државата. Името нема да го менуваме! – категоричен е владиката Тимотеј.
Сепак, во Македонија се поделени мислењата во однос на тоа дали МПЦ-ОА треба јавно да се приклучи кон одлуките на Вселенската патријаршија во однос на УПЦ или да се биде воздржана. Да потсетиме дека признавањето на УПЦ во јануари годинава предизвика воодушевување во Киев и револт во Москва, најмногу насочен кон патријархот Вартоломеј. Руската православна црква дури и се закани дека ќе ги прекине сите врски со Вселенската патријаршија. Портпаролот на Руската православна црква, Владимир Легоида, изјави дека документот (томосот за автокефалност) е резултат на политички и лични амбиции и бил потпишан со кршење на каноните и затоа немал никаква канонска сила.
Засега си уште се бројат на прсти поглаварите на другите автокефални православни цркви што во своите литургии го спомнале името на новиот поглавар на Украинската православна црква, г.г. Епифаниј.
МПЦ засега решава да остане воздржана и да не го навлекува револтот од Руската црква, бидејќи ја врзуваат повеќе нешта. Иако Руската црква, која се нафати да биде посредник кај Српската црква не стори ништо во наша полза – напротив, поради состојбата со Украинската црква црковна Москва беше во ров заедно со црковен Белград.
Барањето на МПЦ за признавање на автокефалноста е ставено во процедура, а вселенскиот патријарх рече дека ќе се заложи за него. Сите се согласни дека аргументите на МПЦ-ОА за добивање автокефалност, секако, се поголеми од оние што ги имаше Украинската црква.
Владиката Петар, пак, се надева дека до крајот на годинава, по Украинската црква, МПЦ ќе биде следна што ќе добие томос за автокефалност од страна на Цариград.
– МПЦ ги исполнува, не од сега, туку од поодамна сите услови за тоа, само можеби требаше да почекаме да дојде денот да се исполни таа наша надеж и тоа ветување што ни беше кажано од поодамна, дека ќе дојде денот за и нашата црква да биде признаена како автокефална, изјави неодамна владиката Петар.