МПЦ со богослужебни книги какви што немаат ниту Руската ниту Српската православна црква

Минатава недела во МПЦ “Св. Петка” во Мил Парк, се одржа богослужба која ја водеше владиката Петар. По службата се одржа промоција на 18 книги кои ќе служат на целата Македонска православна црква.

Младите монаси и свештеници досега имаа проблем со разбирањето на старословенскиот јазик, бидејќи, едноставно, не го разбираат. Она што го научиле во текот на школувањето се заборава, а и не може да се научи целиот јазик. И верниците на службите досега можеа да разберат само околу 60 отсто од тоа што се кажува на службите. Сега таа јазична пречка ќе ја нема, бидејќи првпат ќе ги имаме сите богослужбени книги преведени на современ македонски јазик и со тоа ќе можат да бидат разбрани од сите.
Сето тоа е направено благодарение на преведувачкиот потфат на теологот отец Јован Таковски, а промоцијата на делата во Австралија се одржа во неделата, во црковната општина “Св. Петка” во Мил Парк.
– Причината за тоа беше дека токму од тука потекна иницијативата да се преведат овие книги и со тоа МПЦ-ОА влезе во кругот на ретките цркви што сите богослужбени книги ги имаат преведено на современ јазик.
Засега само Романската православна црква има превод на овие дела на современ романски јазик, оти тој јазик е многу различен од старословенскиот. Другите словенски цркви – Руската, Бугарската, Украинската, Чешката, Полската… немаат. Во Грција, пак, овие книги се напишани на старогрчки јазик, кој не е разбирлив за сите верници оти има значителни разлики во споредба со современиот грчки јазик.
Идејата да се преведат книгите на современ македонски јазик дошла од македонските иселеници од Австралија, кога тие му рекле на парохискиот свештеник Тоне Гулев оти сакаат да им се служи на македонски јазик.
Отец Тоне потоа му се обратил на Јовaн Таковски и така почнало преведувањето кое траело повеќе од 15 години – прво на службите од Страсната седмица – од Величетврток до Велигден, потоа на целиот Посен Триод, а потоа и на другите богослужбени книги.

Останати вести