Анкета: 2/3 од македонците сметаат дека државата е измамена за НАТО и ЕУ-интеграциите и сакаат враќање на името
Членството во НАТО не ни донесе некои придобивки, македонската економија нема да може да поднесе да го издвојува, според НАТО, бараниот процент од 2% од БДП за војската; оптимизмот во однос на членството во ЕУ се намалува, промената на името не ги донесе посакуваните резултати. Ова се дел од заклучоците од истражувањето на “МКД.мк” што го спроведе агенцијата “Маркет вижн” од 10 до 16 февруари на репрезентативен примерот од 1.200 испитаници.
Ова истражување покажа дека поголемиот дел од македонските граѓани не е задоволен од својата материјална состојба. Најголемиот дел од македонските домаќинства (42.8 %) се ограничува во однос на потрошувачката, поекономични се, а 3.7% живеат без основни добра или во сиромаштија. Без никакви ограничувања во потрошувачката живеат 16.4 % од населението.
Во однос на првата година од членството на Македонија во НАТО, дури 43.6 % од испитаниците сметаат дека нема никаква придобивка од ова членство. Дека има придобивка во однос на надворешната безбедност и стабилност сметаат 15.1% од испитаниците, дека се добила заштита и неповредливост на границите сметаат 9.8% од испитаниците, ама само 4.1 отсто од анкетираните граѓани одговориле дека се добил развој на економијата и влез на странски капитал. За тоа дека ова членство е предуслов за евроинтеграцијата се согласиле 3.6%.
Во однос на зголеменото изводјување од БДП за воените трошоци според стандардите на НАТО (2%), дури 74.7 % од испитаниците велат дека тоа македонската економија не може да го поднесе.
Промената на името како услов за членство во НАТО и ЕУ е темата на која, покажува ова истражување, македонските граѓани се многу чувствителни и разочарани. Дури 55.9 % од испитаниците одговориле негативно на прашањето дали по промената на името земјата ќе стане членка на ЕУ. Со овој услов се согласиле 38.9 % од испитаниците. Очекувањата меѓу граѓаните Албанци од Македонија за ова се поголеми (54.4%), а мнозинството меѓу Македонците (62%) одговориле негативно на ова прашање.
За прекинот на преговорите со ЕУ, најголемиот дел од испитаниците (72.3%) се согласни дека главната причина за тоа е блокадата од Бугарија. Дури 39 % од испитаниците сметаат дека не е веќе од интерес на ЕУ Македонија да стане нејзина членка и дека постојано ќе се измислуваат нови и нови причини за блокади. Само 19 % од испитаниците се оптимисти и сметаат дека Бугарија ќе ја тргне блокадата по изборите кај нив, а 18.8 % од испитаниците се оптимисти дека Македонија ќе попушти и ќе ги прифати барањата на Бугарија.
По промената на името 60.5 % од граѓаните велат дека не вредеше промената на името за влез во НАТО, 30.7% одговориле дека овој потег на власта сепак вредел.
За враќање на името Република Македонија и по цена да го изгуби членството во НАТО се 58.1 % од испитаниците а 58.7 % од нив го дале истиот одговор во однос на губење на можноста за членство во ЕУ. Против ова се 19.8 и 19.6 % од испитаниците.
За враќање на името и губење на членството во НАТО и ЕУ се 37.6% од испитаниците Албанци, а 68.5 % се испитаниците Македонци.