Абдулах Нуман, новоизбраниот српски муфтија живее во Австралија каде што предава на универзитет. Новоизбраниот српски муфтија Абдулах Нуман во изјава за Б92 најави дека ќе дојде во Србија и ќе ја преземе должноста штом во Австралија го замрзне статусот на универзитетот и ќе ги заврши приватните обврски.
Тој изјави дека живеел со припадници на различни вери и во Индија го прифатил исламот.
– Живеев со припадници на различни вери, бев ученик кај будистички калуѓер и негов градинар. Тој се грижеше за мене, ме хранеше, раскажа Нуман за Б92.
Тој додава дека потоа отишол во Големата џамија во Аџмир во Родестан во Индија каде што се наоѓа гробот на човекот кој го донел исламот во Индија.
-Таму станав муслиман. По сите тие проучувања забележав дека во исламот има нешто универзално, вели Нуман.
Нуман, кој е роден како Иван Трифуновиќ, завршил гимназија во Белград и е внук на познатата актерка Ружица Сокиќ, а во ислам преминал на 19 години во Индија. Сега е професор на универзитетот во Мелбурн.
Врховниот сабор на Исламската заедница на Србија пред три дена го разреши реис ул улема Адем Зилкиќ и неговиот заменик муфтија Мухамед Јусуфспахиќ, и го распушти Ријасетот на верската заедница кој имаше технички мандат.
Притоа беше именуван привремен орган – комисија која до спроведувањето на изборниот процес за избор на реис ул улема и негов заменик ќе ги врши работите во рамки на највисокиот орган на Исламската заедница.
За претседавач на таа комисија е избран муфтијата санџачки Хасиб Суљовиќ, додека за негов заменик и претседател на Мешихатот е избран др. Абдулах Нуман.