За музеј на годината избрана НУ Музеј и завод Битола за “Спомен куќа на Татарчеви” во Ресен

Наградата Музеј на годината му припадна на НУ “Музеј и завод Битола” за новоотворениот музеј “Спомен куќа на Татарчеви” во Ресен.

Наградата за проект на годината овојпат ја делат два проекта. Едниот е на НУ “Спомен куќа на Мајка Тереза” со проектот: “Тишината раскажува за Мајка Тереза” од авторот Цветанка Вучковска-Митовска и проектот од “Музејот на македонската борба – Скопје” со наслов: “Вики клуб во Музеј на македонската борба” од авторите Даниела Митевска и Ана Вишинова.
Вака одлучи комисијата на МНК ИКОМ за доделување награди по повод 18 мај – Меѓународниот ден на музеите, за особени достигнувања во музејската дејност во текот на 2016 година, во состав: проф. д-р Крсте Богоески (претседател), Мирјана Талеска, Зоја Богдановска, м-р Страхил Петровски и Драган Величковски, го објави извештајот за доделените награди.
“Идејата за формирање на Спомен-куќата е позитивно оценета од историски аспект, имајќи го предвид содржинскиот дел, но музеолошкиот аспект во одделни делови е пренагласен и со извесни пропусти во смисла на несоодветно интерпретирање на содржините. За пофалба е едукативниот аспект на поставката во Спомен-куќата”, истакнаа од комисијата.
За наградата Проект на годината, за која имало две пријави, комисијата констатира дека и двата проекта се иновативни и перспективни за работењето на музејските институции и затоа и двата заслужуваат да бидат наградени.

Останати вести