МВР ќе вработува нови 600 полицајци

Се тврди дека за да се дојде на листата кандидати за полицаец претходно е потребно да се биде на листата на владејачките партии

Министерството за внатрешни работи на РМ објави оглас во медимите во земјата со кој се распишува потреба за прием на 600 нови полицајци. Кандидатите ќе треба да минат едногодишна обука по што ќе бидат примени во МВР.

Најголем дел од нив, односно 100, ќе бидат распоредени во Скопје, потоа 165 во Регионалните центри за гранични работи, 50 полицајци ќе бидат вработени во Охрид и Струмица, додека останатите ќе бидат распоредени во безмалку сите полициски станици во Скопје.
Во огласот се наведени условите за пријавување на конкурсот, како и методологијата за селекција на кандидатите.
По селекцијата, избраните кандидати за полицајци ќе склучат договор за основна обука, која ќе трае една година, а на неа ќе бидат упатени „за 10 отсто поголем број на кандидати за полицаец од бројот на слободни места за кои е распишан огласот”. Значи ќе има 660 нови полицајци.
Распишувањето на конкурсот доаѓа во период кога преговорите меѓу партии потписнички на Договорот од Пржино се најдоа во ќор-сокак, околу прашање за ингеренциите на министерот за внатрешни работи.
И лани во јули МВР распиша конкурс за прием на 400 полицајци.
Според податоци кои „Блумберг” ги објави во 2008 година, во Македонија тогаш имало 9.905 полицајци.
Во 2014 година поранешниот помошник-министер за односи со јавност на МВР, Иво Котевски изјави дека има околу 8.500 полицајци, а според буџетот за плати во МВР (вклучувајќи ја и администрацијата) имало 10.925 вработени.
Со ланските 400 и новите 600 догодина ова време ќе има над 11,000 полицајци во Македонија.

Чавков: Имаме недостиг од полицајци – само 300 на 100,000 жители
Министерот за внатрешни работи Митко Чавков за новиот конкурс објасни дека во земјата има недостиг од полицајци. Бројот на полициски службеници бил далеку под светските стандарди.
– Во Македонија има околу 300 полицајци на 100,000 жители, а во Скопје пак бројките велат дека на 100,000 граѓани има само 145 полицајци, изјави Чавков.
– До 2020 година од МВР во пензија ќе заминат 1,200 униформирани полицајци, а до тогаш и уште 200 од другите служби ќе бидат пензионирани. Постепено таа бројка ќе се надополнува. Затоа е и новиот конкурс кој го распишавме за прием на 600 кандидати кои, откако ќе ги поминат тестирањата, ќе бидат обучувани за припадници на МВР – изјави тој.
Зголемувањето на бројот на полициски службеници тој го оправда со актуелните случувања во светот, но и во регионот, а дел од идните припадници на МВР ќе бидат распоредени и во граничната полиција.
Запрашан зошто сега се распишува конкурсот кога во тек се преговори за нова влада и за закажување избори, тој истакна дека независно што се водат преговори во Пржино, МВР мора да функционира.
Одговарајќи на новинарско прашање дали има вистина дека со последните законски измени во Собранието, на министерот за полиција му се одземаат ингеренциите тој да именува или разрешува свои потчинети, Чавков одговори:
– Тоа е шпекулација.

Останати вести