На Гугл му е полесно да ја блокира Австралија отколку да работи коректно

Американската компанија Гугл се закани дека ќе им ја одземе можноста на Австралијците да го користат тој пребарувач доколку Канбера не го измени својот предлог-закон, што има за цел да го обврзе интернет гигантот да им плаќа на медиумите за нивната содржина која ја користи за да продава реклами и сервиси.

Австралија ќе го воведе првиот закон на светот според кој Гугл, Фејсбук и останати технолошки компании ќе треба да им платат на медиумите чии вести ги објавуваат на своите платформи. Законот не доаѓа со директен ценовник, но ги задолжува Гугл и Фејсбук да започнат преговори со медиумите за да се одреди сумата на надомест што ќе треба да им ја плаќаат.
Гугл е неспорно доминантниот пребарувач во Австралија, заради што владата го води како „речиси неопходен сервис со мала пазарна конкуренција”. Аргументот на австралиските власти е:
„Затоа што технолошките платформи стекнуваат муштерии од луѓето кои сакаат да читаат вести и на нив им продаваат реклами, тие се должни на редакциите да им плаќаат ‘фер’ сума за нивното новинарство.”
Освен вака чистата пазарна логика, власта инсистира дека на новинарството во земјата му е неопходна финансиска поддршка бидејќи силни медиуми се витални за демократијата. Според владини бројки австралиските печатени медиуми имаат 75% пад на приходите од рекламира од 2005 до сега.
Од друга страна, директорката на Гугл Австралија, Мел Силва, на сослушувањето во австралискиот Сенат јасно порача дека компанијата нема да може да работи според новите закони „и тоа нема да ни остави ниту еден вистински избор освен да ја прекинеме достапноста на пребарувачот на Гугл во Австралија”. Според нејзе законот би поставил „неодржлив преседан за нашиот бизнис и за дигиталната економија,” доколку компанијата треба да плаќа за линк и за резултати од пребарување. Силва објаснува дека тоа не е компатибилно со слободното споделување на информации на интернет, ниту со начинот на кој функционира интернетот.
„Не гледаме начин, со сите финансиски и оперативни ризици, на кој би можеле да продолжиме да го нудиме нашиот сервис во Австралија,” порача Силва. Претходно и Фејсбук по основа на истиот закон се закани дека нема да им дозволи на австралиските корисници да споделуваат вести на социјалната мрежа. Законот ќе ги принуди технолошките компании како Фејсбук и Гугл да плаќаат на медиумите за нивната содржина или во спротивно – да плаќаат казни од 10 милиони австралиски долари.
– Кога ја објавувате цената за поставување линкови до одредени информации, го расипувате начинот на работа на пребарувачите и веќе немате отворена и бесплатна мрежа, нагласи Силва.
Компанијата сака да им плаќа на издавачите преку својата платформа за вести наместо линкови. Речиси 200 изданија потпишаа договори со Гугл да станат дел од таа платформа.
Моментално од секои 100 австралиски долари потрошени на дигитални реклами во Австралија, 81 долар одат кај Гугл и Фејсбук. Минатата година Гугл заработи 4,2 милијарди долари во Австралија, на кои плати данок од само 45 милиони долари.

Останати вести