Индија: На конкурс за 90 илјади работни места се пријавиле дури 25 милиони луѓе

Околу 25 милиони луѓе, повеќе од бројот на жители на контитентот Австралија, се пријавиле за околу 90 илјади работни места во Индиската железница.

Ова укажува на предизвиците со кои се соочува премиерот Нарендра Моди, кој ветил отворање на нови работни места во текот на својот мандат.
Моди дошол на власт во текот на 2014 година, ветувајќи раздвижување на стопанскиот раст во третата најголема економија на Азија и создавање на нови работни места.
Меѓутоа, неговата иницијатива “Make in India” (Создадете во Индија), со цел да се зголеми уделот на производство во индиското стопанство кое тежи две милијарди американски долари, од 17 на 25 отсто и да се отворат 100 милиони работни места до 2022 година, засега не дава резултати.
Државните железници, кои моментално вработуваат 1,3 милиони луѓе, соопштиле дека отвораат десетици илјади нови работни места за машиновозачи, техничари, инспектори за шини, тесари и разни други професии. Целта е, како што тврдат тие, да се подобри безбедноста на четвртата најголема железничка мрежа во светот.
“Толкав голем број на пријави покажува дека навистина постои недостаток на работа, но Индијците најмногу сакаат да работат во државни претпријатија. Мораме да се помериме од таквиот начин на размислување”, смета Махеш Вјас, раководител во непрофитната истражувачка организација за економија “CMIE”.

Останати вести