Ниски примања од продажба на нафтата, санкции и структурни проблеми – Русија е во економска криза, а државните резерви се топат. Но, и покрај тоа конфликтите со Запад би можеле да се зголемат.
Русија сè подлабоко запаѓа во економска криза. Во минатата година економскиот учинок падна за 3,8 проценти. Светска банка очекува дека годинава ќе се намали за дополнителни 1,9 проценти. Притоа, тука се цела низа проблеми. На пример, цената на нафтата која во последниве две години е преполовена, така што државата и нафтените компании собираат многу помалку пари.
„Со толку ниски цени на нафатата и на природниот гас, екстремно е тешко да се финансира буџетот”, вели Штефан Мајстер, експерт за Русија во Германското друштво за надворешна политика (ДГАП). Владата може да ги затне дупките во буџетот само ако земе пари од државните резерви, кои пред неколку години беа пополнети со огромниот профит од енергетскиот сектор. Санкциите на Западот, кои се реакција на анексијата на Крим и конфликтот во Украина, создаваат дополнителен притисок. Тие ја прекинаа трговијата, поради што штети трпат и клучните германски сектор како што се автомобилската и машинската индустрија. Уште поболно за Русија е тоа што санкциите го отежнуваат финансирањето на инвестициите.
Проблеми со финансирањето
„Западните санкции им оневозможија на нашите банки и фирми да земаат кредити во странство, и тоа не само во Европа туку во целиот свет”, вели Владимир Милов, директор на московскиот институт за енергетска политика. „Никој пеќе не ни позајмува пари, дури ни Кина”, вели Милов ,кој исто така е основач на опозициската партија „Демократски избор”.
Кредитите во последните десет години беа основа на рускиот стопански раст. Со санкциите, вели Милов, кредитниот волумен е намален од 700 на 470 милијарди долари.
Оваа огромна загуба на капитал доведе до тоа вредноста на државната валута – рубљата да падне за околу половина во однос на доларот. А тука се уште и структурните проблеми. Со стопанството владеат неколку големи претприемачи кои се упатени на политиката. „Постојат недостатоци за пазарна конкурентност но и недостатоци кога станува збор за правната држава”, вели Мајстер за ДВ.