Минатиов четврток грчките организации во Мелбурн имаа средба во Клифтон Хил и се надвикуваа кој е поголем патриот.
За да не бидат покуси, и поради минатата слаба демонстрација, двестотината присутни претежно старци пензионери на крајот решија да направат голема демонстрација на 4 март за да го негираат постоењето на Македонија и Македонците.
Не знам како да ги наречеме полноглавците од Пан Македоники и останатите, кои непотребно сеат омраза и пизма кон Република Македонија и воедно сите нас кои што сме Македонци во далечна Австралија.
Како прво, сакам да се оградам, затоа што не можеме да кажеме дека сите Грци се лоши, напротив, исто како што не можеме да кажеме дека сите Македонци се добри, но очигледно има голем број скудоумници кои слепо наседнуваат на пропагандата да го мразат својот комшија затоа што се чувствува Македонец/ка. На сите веќе ни е преку глава да бараме амин за своето постоење. Основно право на човекот е да биде среќен и да има право на самоопределување.
Мојот став како уредник на весник уште од 1991 година е јасен, нема за што да се преговара бидејќи никаде во светот не се случило некој друг да ти го дава името на твојата држава за севкупна употреба. Тоа е безобразно и понижувачки исто како референцата ПЈРМ, односно сакаат да ни го скршат рбетот уште од првиот ден. Не помага тука фактот што Република Македонија го има истото име (со мали промени Народна и Социјалистичка), уште од 1944, ниту фактот што на мапата нема друга земја со истото име. Нашите јужни националисти да го немаат топлото море и туризмот би биле навистина земја за жалење.
Во Австралија за среќа никој не смее да не понижува, без разлика дали тоа е прајминистер или кондураџија, и не само што не треба да поднесуваме никаква дискриминација тука треба истата да се пречека со барање правда. По се изгледа после четврт век повторно сме на истата точка и како што кажува законот на Њутон за динамиката “Во даден инерцијален појдовен систем, забрзувањето што го добива материјалната точка е правопропорционално на резултатот од дејствувањето на сите приложени на неа сили и обратнопропорционално на нејзината маса.” Со други зборови на секоја нивна акција ќе има и наша реакција.
Преговорите набргу ќе влезат во слепа улица и после 26 години не само што нема излез туку изгледа дека се влегува повторно во вртлог на повампирениот национализам на недораснатата Грција, која на нас ни се топори но е импотентна кога истото го доживува од Турција.
Игор Павловски