Амазон Австралија, кошмарот на локалните трговци, почна со продажба на Петтиот континент. По неколку месеци преговори и делумно лансирање минатиот месец, најголемиот онлајн трговски сајт на светот и официјално го отвори најголемиот магацин со попусти на милиони предмети од над 20 категории, вклучувајќи електроника, играчки, облека, козметика…
Досега, се верува дека илјадници локални добавувачи потпишале договори за продажба на своите производи преку Амазон. Дека станува збор за навистина мамутска трговија зборува податокот кој вели оти Амазон прави речиси половина од сите продажби во светот на интернет.
„Нашиот клучен принцип е да се фокусираме на потрошувачите на долг рок„ – изјави Roko Breniger менаџерот на Амазон за Австралија. „Се концентрираме на големото искуство во трговијата и континуирано ги унапредуваме услугите за нашите клиенти, и се надеваме дека ќе ја добиеме довербата на австралиските купувачи.”
Од 2013 година до денес, австралиските купувачи на веб страницата на Амазон, единствено можеа да го пребаруваат изборот на електронски и аудио книги. Сега, кога Амазон ја отвори својата понуда и за овој пазар, вклучувајќи и испорака до дома на прехранбени производи, локалната трговија е во паника.
Колку за нив ова е сериозна закана, говори податокот дека Амазон, додека се уште беше во Америка, беше втор најпосетуван веб-сајт во Австралија со 4,6 милиони посетители во октомври, додека Вулвортс беше прв со 6,7 милиони.
Едноставен шопинг
Купувањето на amazon.com.au е поедноставно отколку кај многу сајтови на австралиските трговски фирми. На пример, кога го барате производот што го сакате, го означувате и веднаш добивате листа на продавници кои го нудат, секако со се цени. Се е сортирано и многу помалку збунувачко отколку на Ибеј.
Инаку, поголемиот број предмети на Амазон се мали електрични апарати кои лесно ќе ги најдете во Банингс и Икеа, но ги нуди и Амазон со надеж дека купувачите ќе имаат порив да ги купат, кога веќе се таму.
Аналитичарите проценуваат дека Амазон би можел да биде поевтин од локалните цени и до 30 проценти.
Но, Rod Sims, претседателот на Австралиската комисија за конкурентност и потрошувачи (ACCC), предупредува дека не можат да ги спасат локалните трговци од Амазон, велејќи дека тој е „добро за потрошувачите”, и оти на пазарот каде што владее конкуренцијата ќе има победници и губитници.
Амазон има 23 главни категории на производи, вклучувајќи опрема за бебиња, козметика, книги, камери, облека, дивиди уреди, електроника, компјутери, музика, играчки, видео игри, кујнски предмети, софтвер, спортски реквизити и опрема, алати, часовници и безжична опрема.
Од оваа недела, потрошувачите за првпат ќе можат да го купат уредот Amazon Fire TV за симнување содржини од комерцијалните мрежи, како и да гледаат филмови и други снимки со претплата на Amazon Prime Video.
Атрактивни цени
Цените се многу примамливи кога станува збор за видео-игри. Така, Амазон нуди Нинтендо приклучок за $399, додека неговата цена во локална продавница изнесува $469. Playstation 4 Pro чини $469 долари, а кај другите е поскап за 30 долари. Кај електрониката, GoPro HERO6 камерата е $697, што е пониска цена отколку во редовна продажба, но е исто цена како и на Ибеј. Амазон директно не ги продава новите ајфон телефони, но на неговиот сајт ги нуди продавачот BuyMObile и кај него се поскапи отколку директно да се купат од Apple.
Амазон нуди до 30 отсто попуст за играчки како Барби, Бетмен и Дизни Карс, до 20 отсто на кујнските апарати Sanba, 30 отсто во долна облека на Калвин Клајн и маиците на Томи Хилфигер, месечно снабдевање со пелени за $65 и така натаму. Но, потрошувачи, отворете ги очите, бидејќи анализата на „Ферфакс” предупредува дека попустите и не се толку големи колку што се очекуваше. Привлечната понуда на пелени е промотивна, и „Sidnej Morning Herald” наведува кога ќе се собере и одземе, пелени се поевтини во Вулвортс.
Сите купени производи до 49 долари, ќе бидат доставени бесплатно, со рок на испорака меѓу три до седум дена во големите градови и регионалните центри и од седум до десет дена во внатрешноста.
Потрошувачите во Сиднеј, Мелбурн, Бризбејн, Аделаид и Канбера ќе можат да доплатат дополнителни $9,99 за приоритетна испорака за еден ден, додека во Перт и други градови во региони ќе можат да платат $11,99 за проиводот што го купиле да им биде доставен за два дена.