Оние кои ги изгубија изборите и не ја добија поддршката од мнозинството Македонци ќе ја креираат политиката и најважните чекори за Македонија.
– Ова е набрзина создаден состав на Влада што треба да ги задоволи апетите на челните луѓе во партиите без воопшто да се гледа за нивната стручност, за нивното искуство во минатото, оцени претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
Многу од нив, како што рече, се со криминални и корупциски афери во своето досегашно работење. Така што не може да стане збор за реформска влада.
– Напротив, станува збор за антиреформска влада, која на шверцерски начин се поминува низ парламентот. Ќе ја креираат политикатa и ќе ги преzемат најважните чекори за Македонија луѓе од СДСМ кои ги изгубија изборите и не ја добија поддршката од мнозинството граѓани – истакна Груевски.
Според него, се покажало и дека СДСМ нема сериозно да работи на реформи, оти, како што рече, најважните ресори во кои сметале дека тие треба да се направат, како што се правдата и здравството, им ги отстапиле на коалициските партнери, а одбегнале да назначат барем еден министер за привлекување странски инвестиции.
Истакна дека нема да има многу нови инвестиции во Македонија, бидејќи, како што рече, и оние кои ќе сакаат да инвестираат ќе немаат соговорници во идната влада. Смета дека во наредната година, година и пол, ќе има инвеститори кои, како што рече се изработени од владата на ВМРО-ДПМНЕ, коишто се веќе во длабока фаза и ги имаат изработено своите планови, а некои од нив имаат донесено или се пред донесување одлуки, подготвени локации, подготвено се што им е потребно проекти за градба на фабрики…
– Сега во новата влада гледаме дека има десетина членови коишто се без ресор, меѓутоа ниту еден не е за привлекување странски инвестиции. Нема ниту еден член на дијаспората, рече Груевски.
Потсети дека во првата негова влада една третина од биле поканети луѓе дел од дијаспората.
– Голем дел од нив беа на високи позиции во мултинационални компании со искуство од таму коишто го пренесоа во РМ особено при нивното привлекување инвестици и при градење на економските проекти, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ објави дека ќе биде активна опозиција
Не помина обидот да се вклучи на дневен ред гласање за измените во Изборниот законик (за локалните избори) по итна постапка
“Ќе бидеме тука активни во работата, нека е добро за Македонија, за секој од нас поединечно е помалку важно”, кажа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, реплицирајќи на експозето на мандатарот.
Забележа на големиот број ресорни министри, малиот економски тим, а пофали и еден кандидат за министер – имено, за прв човек на здравство Арбен Таравари од Алијансата за Албанците биле спремни да гласаат и тие ако се гласало поединечно.
„На добрите предлози ќе даваме поддршка имајте верба во тоа, поради тоа што нема да ги повторуваме грешките што СДСМ ги правеше во опозиција, на лошите проекти ќе се соочуваме со аргументи, на коректност ќе одговориме со коректност, остро ќе реагираме на каков било судир на интереси, на непочитување на законите и на немање траснпаретност во работата на владата”, рече Димовски.
Тој забележа и дека мандатарот не дал детали за некои важни работи, споменувајќи ги законот за јазиците и проблемот за името. Забалежа исто така дека голем дел од економските мерки за поддршка на земјоделците, претприемништвото и за изградбата на инфраструктура веќе се воведени од владата на ВМРО-ДПМНЕ.
Димовски на оваа седница побара како следната точка, по изборот на Владата, да се стави по итна постапка измена и дополнувања на Изборниот законик, со што би се продолжиле овластувањата на градоначалниците и би се утврдил 15 октомври како ден за локални избори. Но овој предлог не беше усвоен, парламентарното мнозинство сметаше дека овој закон треба да биде на следната седница.