Бројот на надворешни соработници на Зоран Заев порасна на 39 лица. Заедно со редовните сега има вкупно 63 советници. Тоа се две третини од бројката на советници на Никола Груевски, кој годишно трошење по 1.7 милиони евра за 91 советник.
Претседателот на Владата има постојано вработени државни советници и посебни советници (24 на број) и има право да ангажира неограничен број на надворешни советници. Еден таков советник може да зема еднократен надомест, да биде ангажиран на проект во одреден временски период, но и да биде на списокот на постојани месечни хонорари.
Заев има надворешни советници од речиси сите области – од економија, дипломатија, здравство, регионална политика, социјала, односи со јавноста итн. Меѓу нив има домашни и меѓународни истакнати професионалци, но и контроверзни ангажмани. Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) Македонија го објави и разработи списокот на надворешни советници. Меѓу имињата со постојан месечен хонорар се и професорот и писател Венко Андоновски но и Александар Ружин, син на поранешниот дипломат и актуелен професор на ФОН, Нано Ружин.
Советничкиот список на премиерот во јавноста беше често критикуван за компетенциите и за дубиозните врски на одредени советници со лица од бизнисот и подземјето. Голем дел од забелешките се однесуваа на злоупотребата на советничките функции во кабинетите за партиски и лични цели.
Советник за Бенелукс зашто има фирма за автомобилски гуми “Бенелукс тјунинг”!?
Име што предизвика многу контроверзи е Александар Ружин, кој од почетокот на годинава му станал дипломатски советник на премиерот. Тој секој месец ќе зема 50,000 денари за да дава совети за „економска, социјална и културна соработка со државите на Бенелукс (Белгија, Холандија и Луксембург) и Франција”.
Александар Ружин има 36 години. Тој е член на Либералдемократската партија (ЛДП), исто како и неговиот татко Нано Ружин кој порано ја вршеше функцијата амбасадор во НАТО. Роден е во Париз во 1983 година. Во тоа време неговиот татко студира во француската метропола. Се претставува како бизнисмен а поседува фирма за продажба на автомобилски гуми и бандажи во Скопје – „Бенелукс Тунинг” .
Алек Ружин често објавува на социјалните мрежи фотографии со Зоран и Зорица Заеви, па и со Вице Заев. Често споделува фотографии и од скапи автомобили и патувања, но и од луксузни вечерни излегувања.
Претходно беше познат по вестите од естрадата, како свршеник на хрватската поп-ѕвезда Антонија Шола (се разделија со кавги по медиумите). Во едно интервју за естрадниот портал „Идол.мк” тој вели дека донел значајни инвеститори од Белгија и Франција, а пишувал и труд за неговите инвестициски лобирања.
Советници по проекти
Премиерот Заев има дванаесет надворешни соработници кои работат на проекти или го советуваат за прашања од надворешната и регионалната политика. Меѓу нив има и истакнати имиња како претседателот на Евро-атлански совет Исмет Рамадани.
– Правиме месечни анализи и извештаи поврзани за нашето членство во НАТО кои му ги доставуваме на премиерот. Освен тоа имаме консултации пред официјални средби во земјата или надвор, кога доаѓаат делегации или кога нашите државни претставници имаат состаноци со нивни колеги од областа на одбраната или НАТО, објаснува Исмет Рамадани, кој го советува премиерот за остварување на стратешките определби на РСМ за членство во НАТО.
Венко Андоновски е популарен македонски писател. Со години пишува колумни за општествените збиднувања во дневниот весник „Нова Македонија”. Изминатите неколку години во јавноста тој беше критикуван дека му дава суптилна поддршка на Груевски со неговото премолчување на големи афери кои задираа во фундаменталните права на граѓаните како слободата на говор. Андоновски беше еден од оние уметници кои јавно и се заблагодаруваа и ја фалеа министерката за култура Елизабета Канеческа Милевска за што беше критикуван и од еснафот во културата.
Андоновски личен биограф на бизнисменот Ванчо Чифлиганец, кој беше обвинуван за корупција и трговија со влијание од страна на тогашната опозиција, а сега власт – СДСМ. Професорот му ги напиша биографските книги: „Можеш и ти”, „Ванчо Чифлиганец 60″ и “Филантропијата на професор-доктор Ванчо Чифлиганец”, а на промоцијата на третата книга кај Чифлиганец дојде премиерот Зоран Заев заедно со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев. Синот на бизнисменот, Душко, е во подолга љубовна врска со внуката на премиерот од брат, Ева.
Андоновски е ангажиран на почетокот на годинава, а договорот му е до крајот на истата. Во владиниот документ пишува дека е ангажиран за проектот со наслов: „Осмислување на структурата и функцијата, изготвување и испитување конкретни можности на терен за отворање на државен Македонски центар за култура во Србија”. Тој месечно добива паушал од 40,000 денари. За ИРЛ вели дека неговиот ангажман бил на негова иницијатива. Идејата била стара, вели Андоновски, но новата влада покажала интерес.
Прашан за детали од проектот тој за ИРЛ вели дека не може се да открие, оти не се знаело ниту дали ќе успее.
– Станува збор за два меѓународни културни проекти за кои изработив темелни елаборати. Не можам да ги откријам зошто се во фаза на елаборација. Може да се случи ништо од тоа да не биде. Ама ги носам уште како млад човек, а сега ете доаѓа време кое ми се чини погодно за реализација, вели Андоновски. Тој, инаку, беше дел од уметниците и професори кои се противеа на Договорот со Грција и жестоко ја критикуваа власта.
– И натаму стојам на ставот дека Македонија плати преголема цена за прием во НАТО и ЕУ со промена на името. Но, исто така, не мислам дека на пример, најдобрите наши фудбалери треба да престанат да играат фудбал за репрезентацијата, поради тоа што државата добила додавка во името. Јас минатиот месец платив данок на имот на име РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА. Ако не платев, ќе одев во затвор. Значи, ми се допаѓало мене тоа или не, јас сум граѓанин на сегашна Република Северна Македонија, изјавува Андоновски.
Мистериозниот советник за Макрон
Љупчо Зафировски е пензионер кому новинарите на ИРЛ му го згорчиле утринското кафе со пријателите во една скопска кафеана. Му пристапиле да го прашаат за неговиот ангажман во Кабинетот на премиерот.
На прашањето каква е неговата професионална биографија и искуство за евроатлантските интеграции тој им одговорил:„Сигурно сум компетентен, штом ме избрале за советник”.
За него има многу малку податоци кој е и што работел. Ангажиран е како соработник за „Олеснување на процесот на пристапување на РСМ кон ЕУ, помагање во остварување на стратешките приоритети и определби на Владата во однос на евроатлантските интеграции”. Има еден од највисоките хонорари – 1,200 евра месечно.
Што треба за да се биде советник?
Премиерот самиот може да си ги одбере соработниците. Во изминатите 15 години видливо е опаѓањето на квалитетот во изборот на луѓе кои треба да им дадат ум на премиерите и претседателите кои, што пак, одлучуваат за судбините на сите граѓани.
Професорот Денко Малевски, кој беше првиот министер за надворешни работи на Македонија, деновиве стана советник за надворешна политика на претседателот Стево Пендаровски. Малевски важи за виден интелектуалец и познавач на меѓународните односи. Тој беше еден од најпопуларните професори на Правниот факултет при УКИМ.
– Таквите позиции по непишано правило се даваат на луѓе со професионалн багаж и автортитет во областа во која треба да советуваат. Во Македонија се чини дека овие позиции постојат за да се ухлебат партиските послушници, вели Малевски.
Кога германската канцеларка Ангела Меркел реши на Заев да му испрати советник на нивен трошок којшто ќе работи и ќе ја советува владата на Заев за економски политики и реформи во користењето на европските фондови, тие го испратија Валтер Дефа.
– Валтер Дефа е човек што свири пијано, сака старогрчки и игра голф. Тој директорувал со два директорати во Европската комисија, на најголемиот, за даноци и царини, а потоа од 2012 до 2016 и на Директоратот за регионална и урбана политика, ќе напишат медиумите за бесплатниот германски надворешен советник на Заев.
