Нов Јужен Велс веќе осум месеци се соочува со вистинска катастрофа затоа што глувците ги уништуваат посевите, ја јадат складираната храна, влегуваат во куќи, во рурални места.
Нивниот број од март двојно се зголемил, а се повеќе глувци се забележуваат и во Сиднеј и околината. Обилните дождови создадоа услови за успешна жетва која привлече милиони глодари. Експертите предупредуваат доколку нешто не се превземе, наездада би можела да потрае две години. Локалната власт најави помош од A$ 50 милиони, но потпретседателот на здружението на земјоделци на Нов Јужен Велс, Ксавиер Мартин истакнува дека нема време за чекање.
„Пакетот помош е непрактичен и ќе поминат недели додека парите се исплатат, што не им помага на земјоделците на кои помошта веднаш им е потребна. По повеќе од осум месеци борба со наездата, фармерите се уште не добиле конкретна помош” – вели Мартин. Сојузната влада обезбеди пет илјади литри бромадиолон, особено смртоносен отров за глувците, што е доволно за третирање на 95 тони житарици, но се чека одобрување од федералните власти. Но, земјоделците се загрижени како отровот би делувал на кучињата, свињите и останатите животни. „Луѓе ги ставаат ногарките на креветите во канти и садови со вода, но глувците успеваат да ги заобиколат со помош на завесите на прозорците, од каде скокаат на креветите и ги гризат оние кои во нив спијат” – вели Ксавиер Мартин. Земјоделците велат дека наједноставен и најбезбеден начин на кој владата може да им помогне на земјоделците е поврат до $25 илјади по земјоделско претпријатие за да се покријат 50% од трошоците за цинкфосфидни мамци. Се стравува дека на крај штетата во земјоделието би можела да изнесува над милијарда долари.