И со нафта на лицето Ердоган нема да признае!

МОСКВА ПРЕЗЕНТИРАШЕ СВОИ ДОКАЗИ ЗА ТУРСКОТО ЗАМЕШАТЕЛСТВО ВО ШВЕРЦ НА НАФТА СО ИСИЛ

Турското раководство, вклучително и претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговото семејство се вклучени во илегалната трговија со нафта со милитантите на Исламската држава, рече на брифинг пред повеќе од 300 новинари и 90 воени аташеа од 56 земји Анатолиј Антонов, заменик-министер за одбрана на Русија.

Тој при­тоа истакна дека Турција е крајна дестинација на шверцуваната нафта од Сирија и од Ирак.
Сателитските снимки што ги претстави Москва, од кои повеќето на различни нафтени конвои, се само дел од доказите кои ги има Русија, беше речено на брифингот.
Овој настан практично беше испровоциран од изјавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој практично му фрли ракавица на Путин од типот или ти или јас, односно ако Москва докаже дека тој шверцувал со ИД – ќе си поднесе оставка, во спротивно побара оставка да си поднесе Путин.
– Денес ние претставуваме само некои факти кои потврдуваат дека тим бандити и турската елита крадат нафта од соседите и оперираат во регионот – рече Антонов додавајќи дека таа нафта во големи количества влегува на турската територија преку „живи нафтоводи”, кои ги сочинуваат илјадници камиони со нафта.
– Ние знаеме колку вредат зборовите на Ердоган. Турските новинари, кои открија дека Турција им испорачува на терористите оружје под маската на хуманитарна помош, веќе го фатија во лага. Затоа се уапсени. Раководителите нема да поднесат оставки, конкретно господин Ердоган, и ништо нема да признае дури и лицата да им бидат намачкани со украдената нафта – рече Антонов.
Генерал-полковник Сергеј Рудској, началник на главната оперативна управа на Генералштабот на руската војска, прецизира дека постојат три правци на нелегална испорака на нафтата од Сирија за Турција: западен (кон турските пристаништа на Медитеранот, северен (кон рафинеријата во Патма) и источен (кон крстосницата Цазри). Според руските податоци, од таа нафта терористите на ИСИЛ заработувале по 3 милиони американски долари дневно, односно околу две милијарди долари годишно. Руските воздушно-космички сили (така се нарекуваат бидејќи тврдат дека поседуваат оружје во орбитата) сметаат дека со бомбардирањата приходите на ИД од нафта сега се преполовени на 1.5 милиони долари дневно. Во последните два месеца при руските воздушни напади се уништени 32 објекта на ИСИЛ за производство на нафта и 11 рафинерии, како и 1.080 камиони со кои се превезувала нафта, рече Рудској.

Берлин нема докази за шверц

Германската влада од своја страна го обвини сирискиот претседател Башар ал Асад дека купува нафта од ИСИЛ, ја пренесе турската агенција „Анадолија” изјавата на заменик-портпаролот на германското МНР, Савсан Чебли. На прашањето за обвинувањата на Русија дека Турција купува нафта од ИСИЛ, таа кажа дека германските власти немаат докази кои ќе ги поддржат тие тврдења. Портпаролот на германската влада, Стефан Зиберт, пак, ги критикува обвинувањата на сметка на Турција истакнувајќи дека нема сериозни докази кои би индицирале оти Турција ги толерира или активно ги поддржува набавките на нафта од ИСИЛ.
– Ваквите обвинувања без докази не се корисни – рече Зиберт.

Останати вести