Нафта се изли во сибирска река, прогласена вонредна состојба

Резервоар за гориво на електрана во близина на сибирскиот град Норилск се сруши, по што повеќе од 20.000 тони нафта се излиja во реката.

Со електроцентралата управува подружница на Норилск Никел, водечка светска компанија за производство на никел и паладиум.
На видео конференција, Путин остро го критикуваше лидерот на компанијата за задоцнетиот одговор.
„Зошто владините агенции дознале за тоа два дена по настанот?” го праша Сергеј Липин, раководителот на компанијата која управува со електраната.
„Дали ќе дознаваме за вонредните ситуации преку социјалните мрежи?”, додаде Путин.
Гувернерот на покраината, каде се наоѓа електраната, претходно му рече на Путин дека дознал за несреќата, откако „се појавија алармантни информации на социјалните мрежи”. Се работи за конатминирана област со површина од 350 квадратни километри, јавуваат државните медиуми.
Путин нареди да се започне истрага за несреќата, а управителот на електроцентралата е затворен.
Норилск Никел во соопштение порача дека инцидентот бил пријавен на „навремен и правилен” начин.
Несреќата се случила откако потпорните темели на резервоарот почнале да пропаѓаат. Резервоарот бил изграден на пермафрост, постојано замрзнато тло, што се топи како резултат на климатските промени.
Нафтата достигнала до 12 километри оддалечената река Амбарнаја, чии делови се во црвена боја. Поради воведувањето на вонредна состојба, дополнителни сили ќе бидат испратени во областа за да помогнат во операциите за расчистување.
Се верува дека ова е втора најголема несреќа во модерната руска историја, во однос на количината на штетен материјал за природата, изјави експертот на Светскиот фонд за природата за АФП.
Ова не е прва несреќа во погоните на Норилск Никел. Таа компанија во 2016 година призна дека поради несреќа во еден од погоните реката станала црвена.

Останати вести