Награда од милион долари за информации за убиство

Наградата за информации за убиството на Скот Џонсон во Сиднеј во 1988 година е зголемена на милион долари.

Семејството на Скот Џонсон, кое се сомнева дека тој е убиен од омраза кон геј лицата, се надева оти новата награда од милион долари ќе ги доведе починителите пред лицето на правдата и ќе донесе нова надеж за други два напади од омраза кон хомосексуалните лица. Скот Џонсон, американски математичар со адреса во Сиднеј пронајден е на дното на карпа во близина на Manly North Head во декември 1988 година. Можноста за самоубиство е исклучена како причина за смртта, а судскиот вештак Мајкл Барнс минатата година изјави дека 27 годишното момче паднало од карпата „како резултат на насилство или поради закана од насилство” од лица кои го нападнале поради неговата сексуална ориентација. Судскиот вештак го критикуваше првобитниот полициски извештај како несоодветен и пронашол дека е веројатно оти против „младиот и во форма” Џонсон се вртеле повеќе од едно лице додека се наоѓал во област во која често доаѓаат геј лица. На полицијата во неделата им се приклучи Стив Џонсон братот на убиениот Скот, кој објави дека е распишана наградата од милион долари за информации кои би довеле до осуда на лицата одговорни за смртта на неговиот брат. Оваа информација е објавена откога случајот е упатен до специјалистичкиот тим поради извршување нови истражни постапки. Зборувајќи по поводот годишнината од смртта на својот брат, Стив Џонсон изјави дека ова е тажен ден и неговото семејство се надева оти конечно ќе добијат одговори.
„За жал како и многу други геј мажи во 1980 година имал трагична несреќа. Ние сме со тебе, ќе дознаеме што се случило и можеби ќе добиеме одговори и правдата која ја заслужуваш” – рече тој.
Исто така се надева дека истрагата ќе означи почеток на темелни истраги на нерешени злостори против хомосексуалните лица од 1970-те години. Начелникот на полицијата на Нов Јужен Велс, Мик Фулер рече дека секогаш ќе има луѓе кои се „срамат” што биле дел од вакви „грозни” злочини во минатото.
„Грозно е да се верува оти ваквите луѓе се уште се меѓу нас, постојат, живеат и се слободни… додека Скот мораше да умре на таков грозен начин” – изјави тој. Фулер апелира до сите оние кои имаат информации да се јават.
„Ако сте таму некаде и знаете нешто, ако го познавате лицето кое го направил овој злостор, ако тогаш сте биле на местото на настанот, ви нудиме милион долари да ни помогнете да ја утврдиме вистината.”

Останати вести