По три години на тронот, Јордан Камчев го турна Минчо Јорданов од првото место на најбогати. Во овогодинешната листа на најбогати, што ја објави угледниот економски весник “Форбс” насловена како “Младоста го победи искуството” има рокада во топ петте најбогати во Македонија.
1. Со $ 35.2 милиона вредност на компаниите како што се “Кара”, “Орка”, “Стопанска банка Битола”, “Бетон Штип”… Јордан Камчев изби на првото место на најбогати. Мината година Камчев успеал да го зголеми капиталот за повеќе од $ 4.5 милиона.
Некои го обвинуваат дека клучна прична за успехот се блиските релации што Камчев ги има со ВМРО -ДМНЕ, на што тој одговара дека ништо нема земено благодарение на оваа партија пишува “Форбс”.
2. На второ место со $ 34.8 милиона колку што чинат “Макстил”, “Бетон Скопје” и “Факом” “кралот на челикот”, Минчо Јорданов, падна на второ место. Минатата година се покажа како тешка за најстариот бизнисмен во најбогатата петорка. За периодот од 2014 па се до крајот на 2015 година “Макстил” изгуби од својата вредност $ 8.7 милиона и 2015 година ја заврши со пад на приходите од 20% во однос на 2014 година. Забавувањето на кинеската економија, која е клучен пазар за челикот, санкциите на Европа кон Русија, но и инвестирањето во филтри за оџаците на “Макстил” го земаа данокот поради што Јорданов се најде едно место пониско.
3. Со вкупната вредност на акциите на “Макпетрол” и “Оилко” од $ 31 милион “Форбс” го рангираше Андреја Јосифовски на третото место. “Форбс” ја бележи и истрагата што ја покренаа МВР и Јавното обвинителство која се толкува како обид од страна на владеачката структура да го дисциплинира Јосифовски, кој е сопственик и на телевизијата “Телма”, што е еден од ретките критички медиуми спрема владата, пишува весникот.
4. На четврто место со богатство од $ 20.6 милиона е Сашо Самарџиски, сопственикот на 74 % од акциите на “Прилепска пиварница”.
5. На пето последно место со $ 15.1 милион според акциите што ги поседува во “Алкалоид” се најде Живко Мукаетов. Тој успеа во 2015 да ја зголеми пазарната вредност на “Алкалоид” за $ 196.5 милиона или за 20% во споредба со 2013 година.
Според висината на остварените приходи во 2014 година во македонските топ 10 фирми се најдоа “Џонсон Мети” со приход од $ 1.45 милијарди, ЕВН со приход од $ 609.5 милиона е на второто место, на третото е “Окта”, по што следат “Макепетрол”, “ЕЛЕМ”, “Фени индустри”, “Македонски Телеком”, “Лукоил”, “Т- мобил” и “Алкалоид”.