Најдено новороденче на аеродромот во Доха, сите патнички биле соблечени за медицински преглед

Австралија ги осуди властите во Катар за соблекување и пребарување на 13 патнички на летот кон Сиднеј кои биле подложени на детален преглед за да се утврди дали се поврзани со раѓањето и оставањето на новороденче на аеродромот.

Патничките на „Катар ервејс” на летот 908 до Сиднеј биле подложени на понижувачки детален медицински преглед на гениталиите во амбулантно возило на аеродромот „Хамад” во Доха и затоа летот бил одложен.
Еден од патниците рекол дека во авионот слушнале порака во која жените биле повикани да го напуштат авионот.
Австралиското Министерство за надворешни работи ги опиша постапките на катарските власти како несоодветни.
– Инцидентот е многу вознемирувачки и насилен. Никогаш не сум чула за сличен случај во мојот живот. Ние недвосмислено им го пренесовме нашиот став на катарските власти, изјави австралиската министерка за надворешни работи Марис Пејн, потврдувајќи дека очекува детален извештај од катарските власти оваа недела, за да донесе одлука за следните чекори, објави АП.
По враќањето во Австралија патничките од Катар заминале во карантин, каде ја добиле целата неопходна медицинска нега и психијатриска помош.
Новороденчето, патем, сè уште не е идентификувано, но е предадено на надлежните медицински и социјални служби, објавиле властите на аеродромот во Доха.

Останати вести