Десетици илјади граѓани во понеделникот се собраа на најмасовниот протест на “Шарената револуција”, по истекот на ултиматумот од осум точки што го дадоа до властите. Ова беше најмасовниот собир во изминатите 70 дена со постојани протести. Овојпат, освен скопјани, во главниот град имаше и граѓани кои дојдоа од другите градови на земјата.
Од веќе востановеното зборно место пред Специјалното обвинителство, колоната прво застана пред Владата на РМ, со скандирања: “Нема правда, нема мир”, „Шутка не ти бега Никола”, „Оставка, оставка”, „Во борба, во борба”. Тука на насобраниот народ се обратија неколкумина активисти, како и заменик-претседателот на СДСМ Радмила Шекеринска.
“Нема веќе молк во Македонија. Стравот кој беше во сите домови сега е само во една зграда (покажа кон Владата) и во една фамилија. Затоа Груевски, во неделата, преплашен се обидува да сврти народ против народ, но ќе види дека нема шанси. Оваа криза има само еден излез – а тоа се правда и одговорност. Оние кои краделе мора да одговараат. Денеска овој народ излезе да бара правда и мир и му порачува на Груевски дека нема шанса за уште едни криминални избори”, реча Шекеринска.
По нејзиното обраќање протестот се пресели пред Собранието на РМ.
Патем беше офарбана зградата на Министерството за правда, но беа искршени и повеќе прозорци на овој објект. Овојпат “шарените” не фрлаа боја со чатал, туку користеа компресор за прскање. Откако ја потрошија бојата, со празните канти и со камења искршија неколку прозорци од приземјето на Министерството за правда.
Пред Собранието се скандираше: „Затвор не ви бега”, „Убијци”, по што беше измачкана и фасадата.
Потоа вниманието на толпата се насочи во Паркот Жена-борец, каде неколкумина најагресивни протестанти намислија да го урнат споменикот на Прометеј. Тој е заграден со скеле и со заштитно платно за да се исчисти од претходно фрлената боја. Десетина протестанти ги тргнаа талпите од скелето и со платното го врзаа споменикот, со намера да го повлечат за да падне. Но, полицијата не им дозволи, поставувајќи заштитен кордон. Налутени, дел од протестантите фрлаа пластични шишиња врз полицијата.
Иако ова беше најтензичниот момент од протестот, полицијата не реагираше со сила.
За обезбедувањето на овој протест беа ангажирани силни полициски сили.


