МВР успеало од видео-снимката да идентификува 18 гевгеличани кои на Велигден излегоа на улица и играа оро среде забрана за движење поради епидемијата на ковид-19.
Против сите нив ќе биде подесена пријава со предлог за глоба од 2.000 евра. Целокупната постапка е во координација со надлежен обвинител од ОЈО Гевгелија, вели МВР.
Ќе се запомни дека овие гевгеличани се родоначалници на орото кое ќе биде запаметено како “Најскапото”.
Во врска, пак, со настанот кој што се случи на 13 април во скопската населба Ченто, кога повее стотици жители за време на полициски час протестираа и бараа (а и добија) ослободување на тројца притворени токму поради нарушување на забраната за движење, МВР досега индентификувало 23 прекршители. Се работи за сите 8 души кои првично го демонтирале “лежечкиот полицаец” на улицата и тоа го стримувале директно на интернет (меѓу нив и тројцата приведени – еден од нив е член на Советот на Општина Гази Баба од СДСМ) како и 15 други лица од протестот а кои му се закануваа на градоначалникот Борче Георгиевски (тој дојде да ги смири).
По целосно комплетирање на документацијата, изготвена е кривична пријава против 23 лица за сторено кривично дело предвидено и казниво по член 206 од КЗ и истата е доставена до Основното јавно обвинителство. Побарана е глоба од по 3.500 евра. МВР и понатаму презема активности со цел идентификација и на останатите учесници, и по целосно завршување на постапката ќе биде доставен дополнителен поднесок до надлежното ОЈО.
А во врска со настанот на улицата „Антон Панов” во Скопје, каде што беше приведено момчето С. Б. заедно со кучето милениче, полицијата утврдила дека тоа било надвор од домот половина час пред пропишаното време за прошетка на домашни миленици. Согласно уредбата на Владата било приведено во полициска станица.
Од друга страна, пак, во истиот овој случај дисциплинска одговорност ќе биде покрената против полицајците кои го приведуваа, бидејќи биле без заштитни маски и без ракавици.