Македонија во чест на свети Кирил по 48. пат во Рим
Со годинашната изложба во Рим насловена „Св. Климент Охридски и неговите претстави во ликовната уметност”, Република Македонија го продолжува континуитетот во претставувањето на високите вредности на македонското културно наследство и творештво пред европската и светската јавност.
Најстарата икона на која е претставен ликот на свети Kлимент Охридски, од 13 век, е еден од оригиналните експонати на изложбата со која Македонија воедно оваа недела во Рим ќе ги чествува светите Kирил и Методиј. На изложбата што ја организира Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид ќе бидат изложени оригинални икони од 13 до 19 век, копии од фрески од нашите цркви и тематски фотографии. Изложбата ќе биде отворена на 23 овој месец во 18 часот, во музејскиот комплекс „Урбанијана” во рамките на Папскиот музеј во Рим.
Ќе бидат претставени вкупно 38 дела: 18 фрескокопии, сопственост на охридскиот Завод и музеј, две од Музејот на Македонија и пет икони од колекцијата на Галеријата во Охрид. Останатите фотографии не се придружен материјал, туку имаат третман на експонати што сведочат за историјата, делувањето и мисијата на свети Kлимент Охридски во Охрид и областа.
Со изложбата, која е во духот на големиот празник, Република Македонија го одбележува и значајниот јубилеј 1100 години од упокојувањето на светителот Климент.
