Лани на 1 октомври дури четворица шефови на наркокартели дошле во Скопје, се фотографирале во просториите на Министерството за внатрешни работи, оставиле отпечаток од прст, добиле нов идентитет и македонски пасош.
Еден од нив е шефот на организацијата во албанскиот картел Компанија Бело, за кој обвинител во Италија проценува дека за три години заработил 210 милиони евра од продажба на кокаин по европските земји.
Според податоците од обвинителниот акт, на 1 октомври 2020 година во Скопје македонски биометриски пасоши со украден идентитет добиле Бразилката Карине де Оливеира Кампос, Црногорецот Игор Вукотиќ, брат на лидерот на Шкаљарски клан, Србинот Ратко Живковиќ, припадник на кланот на Дарко Шариќ, и Албанецот Марку Герти, шеф на албанска криминална организација од картелот Компанија Бело. Сите четворица на тој 1 октомври биле фотографирани од сега осудената Наздрие Зековиќ, која ја призна вината, како и другите обвинети во случајот „Двојник”, објавува МКД.мк.
Албанецот Марку Герти (38) во Скопје по пасош непречено доаѓа 15 дена откако против него и неговата група била спроведена меѓународна полициска акција во 10 држави и распишана меѓународна потерница од Интерпол Рим. Герти, кој е во бегство, во Скопје на 1 октомври 2020 година во 17:13 часот во канцеларија на управните служби на МВР се фотографира и остава отпечаток од прст, а на 21 октомври лично го зема македонскиот пасош со нов идентитет Елтон Авдиу.
Три дена подоцна, на 24 октомври 2020 излегува преку државната граница на Македонија како Елтон Авдиу. Денес се претпоставува дека е во Еквадор, Јужна Америка, и дека сè уште е активен во снабдувањето на црниот пазар во Европа со кокаин.
Во Италија браќата Герти и Едмонд Марку се обвинети за трговија со кокаин од Холандија во Италија, Германија и други европски држави. Италијанските обвинители проценија дека криминалната организација предводена од Герти и Едмонд Марку дистрибуирала најмалку 50 килограми кокаин неделно, што резултира со годишен обрт од 70.2 милиони евра. Истрагата покажала дека групата понекогаш продавала до 50 килограми на ден по 27.000 евра за килограм. Процената е дека групата на браќата Марку само за три години направиле промет од 210 милиони евра. Браќата Марку се во бегство.
На 1 октомври 2020 година македонски пасош добива и Бразилката Карине Де Оливеира Кампос. Таа од Македонија излезе како Виолета Цонкова, Македонка од Бугарија. Во Бразил Кампос ја бараат за серија транспорти на кокаин. Во акција на бразилските специјалци во Сантос запленети се и 7 милиони долари заработени со дрога, од кои дел биле криени со заѕидување.