Насилство во Собранието поради изборот на Талат Џафери

Меѓу собраниските клупи беше одржан изборот на Талат Џафери

Толпа народ насилно влезе во Собранието и тепаше пратеници. Удирањето траеше помалку од една минута, но тензиите подолго – сè додека специјалците со чадни бомби не ја растераа толпата.

Парламентарното мнозинство со 61 глас нешто пред 19 часот го избра Талат Џафери за претседател на Собранието. Ова се случи додека пред зградата на македонскиот парламент траеше протестот на граѓанската иницијатива “За заедничка Македонија”. Штом ја добија веста, дел од толпата протестанти насилно упадна во Собранието и настана хаос.
Еве како течеа настаните.
Претседавачот на Собранието, Трајко Вељаноски, ја прекина седницата околу 18 часот, но пратениците на СДСМ, ДУИ, Алијанса за Албанците и ДПА не ја напуштија салата.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ очигледно ја знаеја намерата, па се распоредија околу говорницата и ја чуваа претседателската фотелја. Пратениците од новото парламентарно мнозинство помеѓу собраниските ја продолжи седницата со брзо преминување од третата на четвртата точка од дневниот ред на конститутивната седница – избор на нов претседател. Ова продолжение на седницата го започна Ферид Мухиќ, како втор најстар пратеник (откако Бранко Манојловски од ДУИ се откажа). Веднаш потоа и Мухиќ претседавањето му го препушти на Горан Мисовски. Тој го прочита членот 78 од Деловникот за работа на Собранието: “Во текот на седницата, по предлог на претседателот на Собранието, на предлагачот или пратеник коj го поддржуваат најмалку десет пратеници, Собранието без претрес одлучува по секој предлог за измени во редоследот на претресот по точките од дневниот ред.” Објави дека има предлог поддржан од дваесет пратеника за преминување на четвртата точка, а третата да остане за подоцна. Ова беше веднаш прифатено по што го објави и предлогот Талат Џафери да биде избран за нов претседател на Собранието, поддржан со потписи од 62 пратеника, кој од порано е архивиран во Собранието.
На повикот за гласање раце кренаа 61 пратеник (не беше присутен Али Ахмети).
Веднаш потоа Талат Џафери положи заклетва на македонски дека ќе го брани Уставот и законите на Република Македонија и ја потпиша подготвената изјава. Во негово обраќање тој прозбори прво на албански а потоа на македонски јазик:
“Им се обраќам на сите граѓани на Република Македонија. Иако ова е првпат во историјата на ваков начин да се бира претседател, ве уверувам дека ќе работам согласно Уставот и законите на државата и против сите манипулации”, изјави Џафери.
Додека траеше ова “продолжение” на седницата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласно пееја патриотски песни и скандираа: “Срамота”, “Ова е пуч”!Останаа и да ја штитат фотељата на претседавачот Трајко Вељаноски, кој не сакаше да ја препушти.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, заедно со Талат Џафери се упатија кон прес-центарот на Собранието.
Во меѓувреме веќе течеше притисокот на толпата од пред Собранието насилно да влезе во парламентот.

Полицијата на страна на толпата
Полициското обезбедувањето на Собранието во тој миг изнесуваше околу 50 лица: 30 од единицата за брзи интервенции (ЕБР) и 20 униформирани полицајци. Командирот побарал засилување во 18,30 со порака дека толпата ќе успее да се пробие во зградата. Но полициското засилување, според наредбата на директорот на БЈБ, Митко Чавков, стигна дури нешто по 20 часот.

Додека водачите на “За заедничка Македонија“ сметаа дека со запоседнувањето на пленарната сала ја извршиле својата патриотска задача, друга група тргна на горниот кат за да се пресмета со Заев и да му влепи нешто посилно од шлаканици

Во меѓувреме повеќе од 200 лица упаднаа во Собранието и прво ја запоседнаа пленарната сала. Нивниот број почна да се зголемува, некои влегуваа а други излегуваа.

По извесно време, поголема група протестанти успеа без насилство да мине низ кордонот полициски “желки” кои стоеја на скалите кои водат кон горниот кат. Меѓу нив повеќемина беа со фантомки на главите. Според поздравувањето очигледно беше дека дел од полицајците и дел од протестантите добро се познаваат.
Групата што се искачи по скалите отиде директно пред вратата на прес-центарот. Таму наидоа на двајца припадници од собраниското обезбедување и тројца телохранители на челниците на СДСМ. Тие ја чуваа вратата од прес-центарот.

Полицаецот-обезбедувач на Оливер Спасовски пред прес-центарот  извади пиштол. Потоа го стави пиштолот во футрола и повеќе не го извади

Телохранителот на Оливер Спасовски (кој му е доделен од МВР и е активен полицаец) го имаше извадено пиштолот, но подоцна го прибра во футролата и повеќе не го извади, иако беше еден од оние кои добија многу удари. Подоцна, внатре во прес салата друг полицаец од истото обезбедување пукна два пати во воздух, но тоа не ја предомисли масата.
По кусото убедување дека не може да влезат, протестантите застанаа а дел од телохранителите влезе во прес-центарот. Таму, во исчекување на настаните беа поголем број пратеници од СДСМ и ДУИ, како и Зијадин Села и уште дваесетина новинари и сниматели. Добар дел од нив беа во галеријата и се обидуваа да слезат со помош на импровизирана платформа (од клупите).

При упадот на разгневената толпа во прес-центарот, предводена од лица со фантомки, настана општа тепачка. Настрадаа Зоран Заев, Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски, Хари Локвенец, Максим Димитриевски, Петре Шилегов. Удрена по главата и скубена за коса беше и Радмила Шекеринска. Во ќошот во кој беа  притиснати пратениците, остана целиот “арсенал“ што беше фрлан врз нив

Надвор, пред вратата се слушна дека има силна турканица. Бројот на протестанти се беше зголемил и тие притискаа да влезат. На крајот им успеа и веднаш со пцости се нафрлија кон лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Во тој миг почнаа да летаат столови, парчиња искршен мебел, ногарки, лаптопи, камери. Еуфоричниот напад врз дел од пратениците траеше помалку од една минута, по што бесната толпа ја испеа “Едно име имаме” и упорно продолжи да се турка да стигне до Заев или до другите пратеници кои беа напикани покрај ѕид.
Тоа туркање, проследено со пцости и закани, со фрлање на триподи за камери, делови од мебел и пластични шишиња траеше следните десетина минути.

Зијадин Села најмногу настрада. Има тешки повреди на главата но неговата здравствена состојба сега е стабилна. По дводневен престој во шок-соба во скопските Клиники (со полициско обезбедување), тој беше префрлен во Тетовската болница

Толпата насилно го извлече пратеникот Зијадин Села и почна немилосрдно да го тепа. Тој најмногу настрада – по што целиот облиен во крв падна во бесознание а неговото тело беше извлечкано надвор.

Влатко Ѓорчев заслужи почит поради неговите постапки во тие кризни моменти

Во тој период помеѓу напаѓачите и нападнатите пратеници се постави Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ кој се обидуваше да ги заштити. Ги убедуваше напаѓачите дека треба да се смират и да се повлечат. На помош повика уште неколку лица, познати новинари, спортисти, припадници на собраниското обезбедување. Дури и маскираните со фантомки му се приклучија во смирувањето на толпата, но ситуацијата веќе како да беше надвор од контрола.
Конфликтната состојба и заканите што ги добиваа опколените пратеници траеше уште скоро еден час!?
Дури тогаш стигнаа специјалците на МВР кои фрлија шок бомби во просторијата на прес-центарот за да ја разбркаат разгневената толпа. Следеше и една бомба-солзавец. На некои од нападнатите пратеници, се уште стуткани крај ѕидот, им беа поделени гас-маски со инструкции да почекаат додека просторијата не се испразни од напаѓачите.
Потоа пратениците на СДСМ, заедно со Зоран Заев и Талат Џафери, со полициска придружба беа однесени во канцеларијата на Влатко Ѓорчев каде им беше укажана прва помош.
Ова безбедно место го искористија и дел од новинарите, дел од кои беа исто така физички нападнати и им беше искршена опремата.
Дури во 23,30 часот полициските специјалци, кои дојдоа како засилување три часа порано, успеаја да го испразнат Собранието од народот кој ја запоседна зградата. Нешто претходно беа евакуирани сите пратеници, кои прво биле однесени во касарната во Ѓорче Петров, а потоа пуштени да си одат.
Силни полициски кордони го расчистија и периметарот околу Собранието, освен пред главниот влез каде што голем број приврзаници на иницијативата “За заедничка Македонија” останаа до доцна во ноќта. Мал дел од нив и преспаа во тревникот, каде поставија неколку шатори.

Пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ја пуштиле гневната маса во Собранието!?
– Според нашите информации, неколку од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги тргнале шипките од портите на Собранието и овозможиле толпата да влезе во Собранието. Тие шипки се со цел да се забарикадираат вратите од внатре. Но ние знаеме и кои биле тие пратеници кои дури им асистираа на хулиганите во собирањето на оружје. Неколку од нив ги водеа, им кажуваа каде треба да не најдат, за штетата да биде поголема, рече потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска за Телевизија 24.
Според шпекулациите, пратеникот кој наредил да се тргнат шипките е Илија Димовски.

“ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА”: Не оправдуваме никакво насилство, им се случи народ на тие кои се обидоа да направат државен удар
– Никакво насилство не оправдуваме, насилството е лошо, ние 60 дена бевме на улиците со љубов, со добра енергија, мирни достоинствени и горди. Тие се обидоа да направат државен удар – им се случи народ, никој тоа не може да го контролира, истакна Богдан Илиевски, еден од водачите на “За заедничка Македонија” пред Собранието на Република Македонија.

ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ДУИ БЕА ЗАШТИТЕНИ МЕЧКИ?
Додека Заев и останатите ги тепаат, Артан Груби слободно си се шета како на пазар!?
Од мноштвото видео-снимки на нападот врз пратениците во Собранието во четврокот, видливо е дека повеќемина пратеници на ДУИ слободно стојат или се движат низ масата револтирани граѓани без да им фали влакно од главата. На пример, може да се види како Артан Груби слободно си поминува и излегува во преполната сала на прес-центарот додека Заев и останатите се мета на жесток напад и закана по живот.
Напаѓачите како да имале цел да ги тепаат само пратениците на СДСМ. Се зборува дека нивните предводници ги извикувале имињата на тие кои требало да бидат нападнати, па дури ги ослободувале сите оние кои не им биле на “листата”.

Откако беа евакуирани и медицински згрижени, пратениците на СДСМ дојдоа во седиштето на партијата каде беа пречекани од нивни поддржувачи: Со помин нека е!

Останати вести