Австралиските научници останаа во шок кога при истражување на длабочините на источниот брег, најдоа риба без лице. На длабочина од четири километри извадиле се и сешто, а меѓу купот смет, пронајден е „дијамант” – риба каква не е видена од 1873 година.
„Последен пат оваа риба е видена во 1873 година, кога се „заплеткала” за еден британски брод кај Папуa Нова Гвинеа” – рече д-р Тим О’Хара и додаде: „Оваа риба е неверојатна, погледнете само како изгледа. Устата и е на дното, така што воопшто не се гледа. Кога ја гледате од страна, не можете да и ги видите очите, изгледа како да нема лице”.
Научниците со помош на метален апарат споен со осум километри тенка жица, собираа примероци од морското дно, а рибата без лице не е единствениот сензационален улов.
„Најдовме необични ракови, спектакуларни морски ѕвезди и гигански морски пајаци. Некои се големи како чинија! Некои од моите колеги велат дека третина од пронајдените видови се целосно непознати на науката. Секако, ништо не е спектакуларно како рибата без лице. Но, само да знаете колку пронајдовме непознати видови ракови, црви и останати морски животни кои никогаш никој не ги видел”.