Претседателот на македонската држава Стево Пендаровски реагираше на декларацијата на Бугарија приложена кон заклучоците од Советот за општи работи на Европската унија.
– Ако цената да влеземе во Европската унија е да кажеме дека не сме Македонци и да кажеме дека нашиот јазик се именува поинаку освен македонски јазик – не ни треба Европската унија, категорично изјави Пендаровски во интервју за емисијата „360 степени” на “Алсат-М” телевизија.
Да потсетиме дека во изјавата на Бугарија (прикачена кон записникот на седницата на Советот за општи работи на Европската унија од 25 март) меѓу другото Софија од Скопје бара: (1) да престане со каква било поддршка на организации кои се декларираат како македонско малцинско во Бугарија во меѓународни организации, (2) земјата да декларира дека нема каква било основа да бара малцински статус за која било група, (3) се бараат конкретни резултати во работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања, (4) а јазикот во ЕУ документите и преговарачката рамка Софија бара да се именува како “официјален јазик на Република Северна Македонија”.
Бугарската декларација ќе биде реална пречка
Претседателот Стево Пендаровски за барањата на Бугарија оцени дека тие се реална пречка за усвојување на преговарачката рамка а потоа и за одредување на датум и одржување на првата меѓувладина седница.
– Бугарската позиција или декларацијата која е усвоена во нивниот парламент со само 4 гласа против, значи со еден севернокорејски процент, значи и власт и опозиција застанаа зад таа позиција, ќе биде реална политичка пречка. Мислам дека сите тоа го гледаме веќе, го согледуваме. Што може да се случува наредниот месец и половина? Можам да ви кажам околу тајмингот од она што јас знам, во однос на усвојување на преговарачката рамка за нашата држава од страна на комисијата, тоа би требало да се случува веројатно некаде во средината на мај. Да излезат првични драфтови, значи после самитот во Загреб кој за прв пат во историјата на ЕУ ќе биде онлајн. Еден провизорен датум циркулира во Брисел, не велам дека е дефинитивен – 16 јуни би требало да биде крајниот рок за ЕК да излезе со свој предлог. Потоа ќе бараме наредните недели и политичка согласност на оваа рамка ќе биде која ќе биде предложена од комисијата. Тука е битно да знаеме, во комисијата сите преговарачки позиции и сите битни прашања се решаваат со мнозинство на гласовите, кај Европскиот совет се бара комплетен консензус, и да не заборавиме дека со новата методологија усвоена на француски предлог сите се согласија дека земјите членки мора да имаат многу посилна политичка контрола врз процесот, рече Пендаровски.
Не можев да верувам дека во 21 век некој може да спори нечиј јазик
Инаку истите барања Бугарија ги стави во резолуција што минатиот ноември ја изгласа тамошното Собрание, а со декларации се приклучија и владата на Бојко Борисов како и БАН.
– Тоа е најригидната одредба во декларацијата на бугарскиот парламент. Јас морам да ви кажам, најискрено, кога ја прочитав по првпат, на два три пати се навраќав на таа формулација. Не можев да верувам дека во 21 век некој некому може да му спори дека неговиот јазик се нарекува така како што самиот го кодификува и го практикува со децении наназад. Македонскиот јазик е историски факт и е потврден на меѓународно ниво од 1974 година. Тогашна Југославија како членка на Обединетите нации има декларирано три официјални јазици нна својата територија. Македонскиот е од тогаш влезен во номенклатурата на ОН, важи за најголемата светска организација во која членки се практично сите држави кои постојат на земјината топка. 1977, тоа што е цитирано во Преспанскиот договор, таа конференција на ОН, на која македонскиот јазик се афирмира на меѓународно ниво е 3 години подоцна, тоа само констатира нешто што е претходно гол лингвистички и практичен факт.
Малески во конкретниот случај сметам дека не е во право
Пендаровски говореше и за тезите на Денко Малески за македонско-бугарските односи, за кои Претседателскиот кабинет преку соопштение објави дека не кореспондираат со ставовите и размислувањата на шефот на државата.
– Одамна би требало да биде зад нас времето кога советниците на премиери, претседатели и министри мораат цело време да викаат – да, шефе, да, шефе. Национален и државен интерес, апсолутен приоритет број еден за нас како нација и како држава е Македонија или сега Северна Македонија да биде демократија а не диктатура. Апсолутен национален и државен приоритет број еден за нас е оваа наша држава да биде целосно интегрирана во западната цивилизација, во институциите во кои се споделуваат западните демократски вредности, а не да биде дел од Движењето на неврзаните, на пример. И апсолутен приоритет е да го признаеме фактот дека Македонија или Северна Македонија, македонското општество е хетерогено во етничка и во религиозна смисла и дека секој припадник на која било етничка или религиозна заедница има исти права со мене, со тебе, со било кого. Професорот Малески по однос на овие три константи има една позавидна биографија и референци. Тоа ми е мене битно. Јас не можам да соработувам со луѓе кои се контра овие три основни постулати. Сите други работи, дали рекол за 1903 некоја ситуација или сега мисли поинаку, тоа е демократија и јас посакувам повеќе такви соработници и советници да имам кои ќе ми речат – претседателе, можеби овде не сте во право. Во овој дел јас мислам дека тој не е во право, и тоа јасно го кажувам во мојата изјава, истакна Пендаровски во интервјуто.