Млади од Велес печалат на интернет портали наменети за американски пазар. На Американците им продаваат политика, спорт, црна хроника, забава… Во анализа на веста од пред неколку месеци дека Македонија претставува престолнина на про-Трамп сајтовите, Гардијан успева да идентификува над 150 домејни поврзани со вести со Трамп регистрирани на луѓе – од Велес.
„Гардијан” во неколку наврати пишуваше дека престолнина на интернет поддршката за американскиот претседателски кандидат Доналд Трамп е во Македонија и тоа конкретно во Велес. Деновиве повторно беше објавена статија во која се вели дека од Македонија до Заливот Сан Франциско, сензационалистички политички веб-страници заработуваат на трампоманијата – и добиваат голема поддршка од „Фејсбук”. Според весникот, Велес е неверојатниот дом за десетици про-Трамп политички информативни веб-страници, на кои се појавуваат наслови како „Нелегалната електронска пошта на Хилари само што го уби својот прв американски шпион” и „Еве како либералите ја уништуваат Америка”, „Тоа е причината зошто ни треба Трамп во Белата куќа”.
„Гардијан” идентификувал повеќе од 150 домејни регистрирани од луѓе кои наведуваат адреси во Велес, иако не се сите од нив поврзани со активни веб-страници.
Сепак, бројката на млади велешани кои имаат интернет-страници наменети за американскиот пазар никој не може да ја прецизира, но затоа кај дел од младите апетитот за брзо печалење е голем.
Велешанецот Алекс (името е измислено само за потребите на интервјуто) за “Гардијан” тврди дека е првиот од Велес што решил да пишува за американска политика. Неговиот бизнис имал иста судбина како видеотеки, пица парче, играчници, па кога неговите соседи го разбрале дека прави пари, и тие почнале да отвораат сајтови. Алекс тврди дека неговиот сајт добива околу милион посети месечно, а околу половина од нив доаѓаат од неговата фејсбук-страница.
На прашањето: „Што кога Трамп ќе изгуби”, велешанецот самоуверено одговара дека дури и да изгуби тоа нема да му влијае на сообраќајот, „има премногу хејтери на интернет, а целата моја публика ја мрази Хилари.”
Алекс е на чисто со две работи, дека сакаат да влијаат на американската политика и дека поради немање директен пристап на теренот сите работата ја почнале со копирање од конзервативни извори од САД. Во последно време имаат ангажирано неколку луѓе од САД што им пишуваат за да имаат и сопствена оригинална содржина.
Тој објаснува дека сите тие работат легално, подлежат на законите на САД, или конкретно на Сан Франциско. Вели дека не само во Велес, туку дека овој бизнис „цвета” и во Куманово и во Скопје, поради што му е нејасно зошто толку се експонира во медиумите токму неговиот роден град.
„Сите тие што имаат свои веб-страници живеат од реклама. Колку повеќе читаност, толку повеќе кликнувања на рекламите, толку повеќе пари. Но мора најпрво да се вложи за да се добие, бидејќи ништо не е чиста добивка”, вели нашиот соговорник.
Објавената бројка од 150 домејни, која беше споменувана во лондонски ,,Гардијан”, не е точн, објаснува друг велешанец, познавач на оваа најнова инстант- заработувачка. Тврди дека е двојно поголема!
„Никој не може да знае колкумина во Велес работат со веб-портали наменети за американскиот пазар. За некои е познато во чија сопственост се, за некои името никаде не фигурира. Така што не може да зборуваме за приближна бројка, но затоа факт е дека има голем интерес. Според моите сознанија, во градот има повеќе од 250 до 300 домејни за ваква намена. Треба да се знае дека само тие што први започнаа имаат добра добивка, печалба. Тоа е како врв од пирамида. Тие што се горе го собраа кајмакот, а останатите трошките. За тие што сега се загреаја за овој бизнис, веќе е доцна, возот одамна е заминат. Некои пробаа и бргу го напуштија”, вели Давор, вработен во ИТ-технологија.
Според него, првиот веб-портал со политички содржини од Велес, наменети за странскиот пазар бил регистриран во ноември минатата година. Потоа до крајот на 2015 година уште неколку, а од март–април како печурки по дожд почнале да се појавуваат десетици и десетици нови портали.
Тие на своите ФБ-профили имале 200-400 илјади лица кои ги следат нивните содржини. Веб-страниците, како што објаснуваат соговорниците, се невидливи за Македонија и содржината која се објавува на нив е достапна само за американскиот пазар.