Либералната партија по шокантното заминување на Кели О’Двејер, министерката за односи во индустријата од федералната политика, сака на оваа позиција повторно да седне жена.
Прајминистерот Морисон ги отфрли овие „непристојни” изјави и ја обвини опозицијата за дволичност.
Кели О’Двејер најави дека ќе се повлече од политиката на следните избори за повеќе време да посвети на семејството и на обидот да добијат трето дете. Нејзината оставка претставува голем удар за Либералната партија која се мачи со мал број жени во федералниот парламент.
Заменичката на лидерот на лабуристите Тања Плиберсек, која одгледала три деца за време на својата работа во парламентот, изјави дека разбира под каков притисок се наоѓа Кели О’Двејер. Но Тања Плиберсек изјави дека на либералите не им успеало да го олеснат одржувањето на рамнотежата меѓу родителските и министерските должности.
„Единствена разлика која Либералната партија би морала да ја направи е да ги задржува луѓето како што се Кели О’Двејер во првите редови на парламентот и да го зголеми бројот на жени во својата партија. Затоа што кога еднаш ќе ја постигнете критичната маса ќе ја промените културата на однесување” – изјави таа.
Прајминистерот Скот Морисон го отфрли овој аргумент.
„Во ред е машки пратеник на лабуристите од Западна Австралија (Тим Хамонд) да изјави дека нема да учествува на следните избори од семејни причини, исто така тоа би требало да биде во ред во случајот на Кели О’Двејер” – рече Морисон. Изјави и дека Кели О’Двејер никогаш не се жалела на нивото на поддршка што ја добивала.
„Таа ја донесе својата одлука и драго ми е што бев покрај неа кога ја донесе”. Прајминистерот изјави и дека сите политичари, особено министрите, поминуваат многу време одвоени од своите семејства. „Ова е нешто што доаѓа со нашата работа и искрено кажано тоа не е невообичаено.”
Либералната партија бара друга жена која би можела да ја замени Кели О’Двејер во нејзината изборна единица во Hiddins во Мелбурн во која води со осум отсто.
„Уверен сум во многу силна поддршка на жените” – рече Морисон.
Кели О’Двејер која воедно е и министерката за прашања за жените, е една од постарите женски членови на коалициската влада. Мал е бројот на жени кои би можеле да бидат потенцијални кандидатки на Либералнатата партија за изборната единица на исток во внатрешноста, вклучувајќи ја и сенаторката на Викторија, Џејн Хјум која сака да влезе во долниот дом. Доколку наследничката на Кели О’Двејер не успее да победи на следните избори, либералите би можеле да останат без жена од Викторија во пратеничкиот дом.
„Не е проблем во тоа што таа заминува, тоа е нејзино право, проблем е што не се знае која жена ќе ја замени во првите редови во парламентот кога таа ќе замине” – рече лидерот на опозицијата Бил Шортен.
Член на федералната влада Дарен Честер ја бранеше нејзината одлука за заминување тврдејќи дека е потребно да се охрабрат голем број млади жени да влезат во политиката и да им се даде поддршка кога ќе влезат во парламентот.