Обединетата Македонска Дијаспора изразува загриженост заради непотполната, нејасната и контрадикторната содржина на Договорот за Пријателство, Добрососедство и Соработка Меѓу Република Македонија и Република Бугарија.
ОМД смета дека потпишување како и евентуална ратификација во Собранието на Република Македонија на договорот со моменталната содржина, негативно би се одразил врз македонските национални интереси, но и на унапредување на долгорочните односи помеѓу Македонија и Бугарија, што впрочем беше најавувано како главна цел на овој Договор.
Пред се, Договорот многу наликува на штетната Декларација која беше потпишана во 1999 и е во облик на продожение на истата. Со самата најава на подготовката на овој Договор, ОМД очекуваше надминување на грешките и промена на ставот од 1999, но нацрт договорот го покажува спротивното. Наместо да се договара зад затворени врати, Договорот требаше да биде претходно објавен, со цел да и се овозможи на јавноста дебата со што би се составил во корист на заштита на Македонските национални интереси, а не само на Бугарија, која го користи како уцена да ја поддржи Македонија за членство во евро-атлантските институции.
ОМД е со цврст став дека овој договор е контрадикторен во својата содржина. Имено на крајот од воведниот текст на договорот, двете страни се повикуваат на почитување на принципите на повелбата на ОН, повелба каде во член 1 се наведени Рамноправните права и правото на самоопределување на народите.
Спротивно на член 1 од повелбата на ОН, членот 11, точките 4, 5 и 6 од овој Договор се дијаметрално спротивни на повелбата на ОН и ја рефлектираат всушност негативната политика на Република Бугарија кон Република Македонија.